
Путин и Зеленски договорија размена на заробениците но остануваат различните ставови за иднината на Донбас
За домаќинот Макрон средбата во Елисејската палата со Путин, Зеленски и Меркел е многу позитивна, но за засегнатите страни кои треба да стават точка не само на хартија туку и на терен, долгогодишниот конфликт во источна Украина е закочен на мировниот договор потпишан 2015 во Минск.
За Путин нема друга алтернатива освен незвисност на областа Донбас каде пет години по почетокот на крвавите пресметки загинаа 14.000 луѓе.
“Треба да го синхронизираме процесот на преговори со политичкото решение. Најпрво, тоа значи измени во уставот што ќе обезбедат посебен статус на Донбас со постојани услови. Треба да го продолжиме договорот за специјалниот статус на повеќе региони на Донбас, треба да има постојан карактер, како што е предвидено во договорот од Минск” – изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Она што ќе оди како подмачкано е размената на затвореници, но Путин и Зеленски не успеаја да ги решат клучните прашања како што е временската рамка за локалните избори во Донбас и контролата на границите во бунтовничкиот регион. Укараинскиот претседателвелиникогаш нема да се согласи на „федерализација на Украина“.
“Страните постигнаа договор за ослободување на сите затвореници пред 31 декември, по принципот на сите од сите. Договорено е да се провери списокот и да се обезбеди пристап од страна на Црвениот крст до сите затвореници” – вели украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Домаќинот Макрон свесен дека нема решение за конфликтот кој ја разниша европската геополитика ја отвори перспективата за нова средба во следните четири месеци.
“Значи, денес ги чувме несогласувањата, не најдовме чудесно решение, но успеавме да направиме напредок. Направивме конкретни достигнувања за луѓето – обновени дискусии во овој формат и во билатерален формат, постојат перспективи за напредување во наредните четири месеци. Од сите овие причини мислам дека ова е многу позитивен самит, следната фаза која е пред нас е многу важна” –порача францускиот лидер Емануел Макрон.
“Денес, чувството ми е дека постои добра волја за решавање на тешки прашања. И таа добра волја е дел од решавањето на сите политички проблеми”– вели германската канцеларка Ангела Меркел.
Луѓето во Украина синоќа одговорија со протест на исходот од мировните преговори меѓу нивниот претседател и Путин.
Бараат од Зеленски да биде построг кон рускиот лидер и повнимателен кон процесот на заживување на мировниот процес.
Билјана Ставрова