
(видео) Франција во масовен штрајк поради реформата за пензиите на Макрон
Франција се подготвува за големи нереди во текот на денешниот ден кога на улица ќе излезат милиони работници во знак на протест против пензиската реформа која се обидува да ја наметне владата.
Училиштата и работниците во транспортот ќе им се придружат на полицајците, адвокатите, вработените во болниците и аеродромите.
Синдикатите се надеваат дека ќе се мобилизираат масовно против владиниот проект. Неколку повици за приклучување во синдикалните поворки беа испратени од страна на групите на социјалните мрежи на „жолтите елеци“, а радикалните милитанти на црниот блок, исто така, се чини дека се подготвени да демонстрираат заедно со синдикатите.
Стапката на штрајк во градинките и основните училишта, според Министерството за национално образование, би достигнала 55 отсто во цела Франција и 78 проценти во Париз. Само три училишта во Париз можат да обезбедат „минимална услуга за прием“ во оваа фаза.
Додека „Ер Франс“ веќе објави дека планира да откаже 30 проценти од домашните летови и 15 проценти од летовите на средно растојание, Ејзиет соопшти дека ќе откаже 233 домашни и летови на средно растојание.
Во железничкиот сообраќај 90 отсто од возовите нема да возат. Од 16 метро линии во Париз, ќе функционираат само 5. Училиштата нема да работат, но вратите ќе останат отворени.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер во средата објави дека се пријавени 245 митинзи и демонстрации низ целата земја. Тој, исто така, рече дека очекува присуство на „црни блокови“ и „ радикални жолти елеци “ неколку стотина во поворките во Париз и „можеби неколку илјади на целата национална територија“.
Меѓу безбедносните мерки во главниот град, префектурата во Париз побара да бидат затворени сите продавници и ресторани кои се на патот на кој ќе поминува поворката на синдикатите.
Прашањето кое си го поставуваат сите е дали штрајкот ќе прекине вечерта на 5 декември или тој ќе продолжи со одмерување на силите со владата, синдикатите не кријат дека сакаат тврд штрајк како во декември 1995 година.
Франција во моментов има неколку разлишни шеми за пензионирање, а Макрон сака да создаде единствен систем. Неговиот план е – награда за работниците кои ќе работат ден подолго, со тоа што ќе заработуваат бодови и кога ќе одат во пензија истите ќе им бидат трансформирани во парични средства. Ова ги плаши синдикатите дека луѓето кои би се пензионирале пред 64 години, би земале помала пензија.
Во изминатава деценија, Франиција ја зголеми и годишната старост за одење во пензија од 60 на 62 години, што сепак е најмала во Европа.
А.Ш.