
Напаѓачот од Лондон претходно веќе бил осуден за тероризам
Британската полиција го идентификува напаѓачот, кој вчера во Лондон уби две лица но неговиот идентитет откри дека тој веќе бил осуден и одлежал затворска казна за тероризам во 2012 година, а минатата година бил условно ослободен. Откритието покрена многу прашања за британскиот казнено поправен систем кој експертите го споредија со „Руски рулет“.
Прашањето што треба да го поставиме е зошто нашиот правен систем им дозволува на луѓе како него да излезат. Тоа е како да си играме Руски рулет со животите на јавноста, затоа што не можете да ги контролирате овие луѓе кога ќе бидат ослободени. Ставање ознака на нечија нога нема да ги спречи во убивањето луѓе,
вели поранешниот шеф на антитерористичката канцеларија Крис Филипс.
Според британските медиуми напаѓачот Усман Кан бил ослободен откако се согласил да носи електронска направа за следење на затворениците. Поради тоа министерот за безбедност Брендон Луис изјави дека владата ќе разгледа можности за подобрување на системот.
Направивме извесни промени за тоа како функционира системот за да се осигуриме дека луѓето ќе останат подолго во затвор за некои прекршоци. Но мислам дека треба повторно да го разгледаме всушност. Јавноста има право да праша дали имаме изречени доволно долги казни и дали спроведуваме доволно долги казни за најнасилните престапници. Мислам дека тоа е нешто кое мораме да го разгледаме и ќе го разгледаме и треба да го направиме тоа брзо,
рече министерот Луис.
Две лица вчера беа убиени при напад со нож на Лондонски мост, а полицијата го застрела напаѓачот кој претходно беше совладан од случајни минувачи затоа што на себе имал експлозивна направа за која подоцна утврдиле дека е лажна. Во инцидентот беа повредени и две жени, кои се хоспитализирани.
Игор Трајков