Рама: Луѓето кои спијат во шаторите, ќе бидат сместени во хотели

Албанскиот премиер, Еди Рама, најави дека стручни тимови за проценка на штетите од земјотресот од 26-ти Ноември, денеска ќе започнат со работа. Тој информираше дека досега се донирани пет милиони евра и повеќе од милион американски долари помош за погодените од земјотресот.

Рама изјави и дека шаторите во кои се сместени луѓето кои останаа без своите домови во разорниот земјотрес во Албанија, ќе бидат отстранети и овие семејства ќе бидат сместени во хотели.

Рама потврди и дека во земјотресот животот го загубиле 49 лица, од кои 25 во Драч а 23 во Туман. Прекината е и потрагата по преживеани во овие две места.

Според Рама, во Драч се регистрирани 701 оштетени објекти од кои 12 се целосно уништени. Во Тирана, 15 згради се целосно уништени, 239 оштетени и осум згради не се во употреба.

Албанскиот премиер предупреди и дека сите лица кои шират лажни вести и паника меѓу граѓаните ќе бидат санкционирани.

Четири дена по страотниот земјотрес, по кој следуваа околу 1000 средно-силни и послаби потреси, албанскиот сеизмолог Едмонд Нуши од институтот за геологија соопшти дека тлото конечно почнало да се смирува и нови потреси ќе има се помалку. 

Според него целокупната сеизмичка активност оди кон смирување. Во изјавата на албанската телевизија Ора њуз, тој подвлекол дека сеизмичката активност се уште постои, но е значително послаба.

Во меѓувреме, двајца од потешко повредените кои беа хоспитализирани во клиниката за трауматологија во Тирана, со хеликоптер биле транспортираниа на понатамошно лекување во Италија.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ