Осумнаесет загинати во земјотресот во Албанија, 600 повредени и 28 спасени од под урнатините

Тлото под нозете се тресеше, ѕидовите пукаа, зградите се рушеа, во четири часот рано утрото луѓето во Албанија и регионот беа се уште во постела кога магнитудата достигна јачина од 6,4 степени. Албанија е во урнатини, минува низ тешки времиња. Земјотресот беше проследен со серија други потреси кои се случуваа во интервал од 5-10 минути, кои предизвикаа паника кај граѓаните. За жал, денешниот земјотрес однесе најмалку 18 жртви, како што е официјално потврдено, а билансот може да се зголеми бидејќи десетици луѓе се под урнатините и нивната состојба е неизвесна.

Во извлекувањето на настрадатите учествуваат итните служби и армијата. Граѓаните бесомошни во паника бараат излез од под урнатините, секој преживеан носи нова надеж.

Тројца од жртвите се од пристанишниот град Драч. Еден човек починал откако скокнал од прозорецот во паника во Курбин, друга постара жена загина штитејќи го во прегретка својот внук, кој е спасен. Има жртва и во Лежа. Двајца од загинатите се во градот Туман, 40 км северозападно од Тирана близу до епицентарот на земјотресот, каде утрово беше и претседателот Еди Рама.

Потрагата по преживеани е тешка и мачна спасувачите со раце копаат по урнатините но, не успеваат секаде да стигнат на време, болниците се полнат повредени, чијшто број надминува 600 луѓе. Дел од повредените емотивно раскажуваат за моментот на најсилниот потрес.

Имавме 180 пациенти кои побарале помош во болницата Траума. 15 се хоспитализирани, а 20 други се прегледани. Тројца се во сериозна состојба. Тие имаат претежно повреди на главата и екстремитетите. Оттогаш се под интензивен надзор. Останатите имаат полесни повреди. Сите добија потребен третман и ја напуштија болницата,

објаснува Арбен Зенелај, главен доктор на Универзитетската болница Траума.

Од македонското МНР за Телма велат дека засега од амбасадата во Тирана немаат податоци за повредени или евентуално загинати македонски државјани. Главниот аеродром Мајка Тереза беше привремено затворен, училиштата не работат, а голем дел од земјата нема електрична енергија. Земјотресот се чувствуваше низ целиот регион, во Италија, средоземното крајбрежје па дури и во српскиот град Нови Сад, оддалечен скоро 700 км.

Финансии и спасувачки ресурси од Балканот и од Европа почнаа да пристигнуваат во Албанија. Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, веднаш по посетата на официјално Скопје, отпатува за Албанија. Екипите за вонредни ситуации од Анкара веќе се на терен. Во меѓувреме албанските медиуми објавуваат инструкции што да се преземе во случај на нови потреси – ако живеете во близина на брегот, останете подалеку од плажата. Земјотресите можат да предизвикаат опасни цунами и поплави. Ова е втор земјотрес кој ја погодува Албанија за нешто повеќе од два месеци. Земјотрес со јачина од 5,6 степени го затресе тлото во таа земја на 21 септември, кој беше оценет како најсилен во последните 30 години.  Фотографиите од урнати или полусрушени згради сугерираат дека денешниот земјотрес е посилен од оној во 1979 година, што го погоди северниот град Скадар, на границата со Црна Гора. Ниту еден од тие два претходни земјотреси не предизвика жртви.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ