
(видео)Зградите се уриваа, тлото под нозете се тресеше – страотен земјотрес во Албанија
Тлото под нозете се тресеше, ѕидовите пукаа, зградите се рушеа, во четири часот рано утрото луѓето во Албанија и регионот беа се уште во постела кога магнитудата достигна јачина од 6,4 степени.
Албанија минува низ тешки времиња. Земјотресот беше проследен со серија други потреси кои се случуваа во интервал од 5-10 минути, кои предизвикаа паника кај граѓаните.
За жал, денешниот земјотрес однесе најмалку девет жртви, како што е официјално потврдено, а билансот може да се зголеми бидејќи многу луѓе се уште се под урнатините. Во извлекувањето на настрадатите учествуваат итните служби и армијата.
Граѓаните беспомошни во паника бараат излез од под урнатините, секој преживеан носи нова надеж.
Тројца од жртвите се од пристанишниот град Драч. Еден човек починал откако скокнал од прозорецот во паника, друга постара жена загина штитејќи го во прегретка својот внук кој е спасен. Двајца од загинатите се во градот Туман, 40 км северозападно од Тирана близу до епицентарот на земјотресот, каде утрово беше и претседателот Еди Рама.
Потрагата по преживеани е тешка и мачна спасувачите не успеваат секаде да стигнат на време, болници се полнат повредени чијшто број засега надминува 350 луѓе. Дел од повредените емотивно раскажуваат за моментот на најсилниот потрес.
Од македонското МНР за Телма велат дека засега од амбасадата во Тирана немаат податоци за повредени или евентуално загинати македонски државјани.
Главниот аеродром Мајка Тереза беше привремено затворен, училиштата не работат, а голем дел од земјата нема електрична енергија. Земјотресот се чувствуваше низ целиот регион, во Италија, средоземното крајбрежје па дури и во српскиот град Нови Сад, оддалечен скоро 700 км.
Лидерите од регионот нудат помош и ги ставаат своите ресурси на располагање за помош на Албанија. Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, веднаш по посетата на официјално Скопје, ќе отпатува во Албанија, во знак на солидарност по силниот земјотрес.
Албанските медиуми објавуваат инструкции што да се преземе во случај на нови потреси – ако живеете во близина на брегот, останете подалеку од плажата. Земјотресите можат да предизвикаат опасни цунами и поплави.
Ова е втор земјотрес кој ја погодува Албанија за нешто повеќе од два месеци. Земјотрес со јачина од 5,6 степени го затресе тлото во таа земја на 21 септември, кој беше оценет како најсилен во последните 30 години.
Фотографиите од урнати или полусрушени згради сугерираат дека денешниот земјотрес е посилен од оној во 1979 година, што го погоди северниот град Скадар, на границата со Црна Гора. Ниту еден од тие два претходни земјотреси не предизвика жртви.
Билјана Ставрова