
Тереза Меј сака граѓаните на ЕУ да останат во Велика Британија и по Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј денес изјави дека сака сите граѓани на Европската унија кои легално живеат во Велика Британија да останат во земјата и по Брегзит во 2019 година.
Таа воедно вети и модернизиран систем за нивно регистрирање, за да можат да останат во Велика Британија.
– Тие имаат огромен придонес во нашата земја, затоа сакаме тие и нивните семејства да останат. Целосно јасно изјавувам дека граѓаните на ЕУ кои сега легално живеат во Велика Британија ќе можат да останат и по Брегзит, изјави Меј пред парламентот.
– Ќе има дигитален систем, кој ќе биде модернизиран, прилагоден на корисниците и кој ќе гарантира дека тој процес ќе биде што е можно поедноставен и лесен за луѓето, изјави британската премиерка.