
Оставка среде прес-конференција на хрватскиот државен секретар за демографија
Државниот секретар во Министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика на Хрватска, Марин Стрмота, поднесе оставка среде заедничка прес-конференција со министерката Нада Мурганиќ.
Прес-конференцијата се одржувала по состанокот на Советот за демографска ревитализација, на кој се разговарало за падот на наталитетот во Хрватска и мерките кои треба да бидат преземени за негово зголемување.
Еден од репортерите искоментирал дека сите мерки кои министерката Мурганиќ и секретарот Стрмота ги презентирале се веќе испробани и не дале резултат.
„Се согласувам со вас. По една година и 4 месеци како демограф во Владата сметам дека ова не е доволно сериозно и денеска поднесувам оставка затоа што државата изумира. Јас како млад човек, како граѓанин на Хрватска, татко на две деца, сопруг на невработена сопруга и дете на невработени родители не верувам дека нешто ќе се смени со овој пристап“, изјави Стрмота на прес-конференцијата.
Според Државниот завод за статистика во текот на 2017 година во Хрватска се родени најмалку деца во последните 100 години. Експертите предупредуваат дека иселувањето е една од главните причини за падот на наталитетот, деца и натаму се раѓаат, но надвор од Хрватска. Од 2006 до 2016 година, бројот на жени во Хрватска на возраст од 25 до 35 години е намален за речиси седум отсто.
Минатата година во таа земја се родени само 36.647 бебињеа, што речиси 900 помалку отколку годината претходно. Тоа е првпат од осамостојувањето на Хрватска бројот на новородени да е под 37 илјади.
Најголем број новородени во текот на последните 15 години во Хрватска се евидентирани со 2008 и 2009 година, кога бројката изнесуваше околу 44.000 бебиња.