
Дали Ердоган има намера да ги нападне сириските сили?
Во Сирија моментот на конечната пресметка околу курдскиот град и регион Африн, е се поблиску.
Турската артилерија ја бомбардира курдската енклава додека се погласни се информациите дека сиријските провладини сили веќе влегуваат во градот со цел да и се спротивстават на турската офанзива. Од сириски извори се зборува и за можен договор помеѓу Асад и Курдите, нешто Анкара го отфрла како пропаганда.
„И покрај тоа што официјалната сириска новинска агенција, Сана, извести дека сили лојални на сирискиот режим ќе влезат во Африн, оваа вест не беше потврдена од официјалните власти. Веста е лажна и нема никаква врска со вистината. Според информациите на нашите безбедносни служби, не поставува прашањето на сиријските власти дека испраќаат сили во регионот во овој момент“, кажа Бекир Боздаг – заменик премиер на Турција.
Овие снимки од сиријската војска како тргнува накај Африн, го демантираат турскиот заменик премиер.
И покрај информативната конфузија, Турција во наредните денови најавува нова офанзива, и конечен напад, како што најави Ердоган. Ердоган продолжува со својот агресивен тон, ветувајќи дека офанзивата нема да заврши додека сите терористи не се елиминирани. Под терористи Ердоган ги подразбира џихадистите на ИСИС, но и сириските курдски милиции кои ги смета за огранок на Курдската работничка партија која пак Турција, ЕУ и САД ја водат како терористичка организација.
„Во наредните денови опсадата на градскиот центар на Африн ќе започне со многу забрзано темпо“.
Но, се поставува прашањето, дали Турција навистина има намера да ги нападне сириските сили кои си ја бранат границата, ризикувајќи на тој начин, еден регионален, па и глобален конфликт тежок за контролирање. Логичниот и лесен одговор е не, или барем ако се водиме од принципот според кој во војна, тој што го подига гласот, не сака да го подигне влогот. Анкара грми на сите страни, дотаму да ја чујат и американците во близина, кои се во турската зона на интерес и им даваат поддршка на Сиријците.
„Нема да има мировен договор во Сирија, и знаете зошто? Затоа што Русите се на брегот, Американците се внатре во Сирија, Иранците се насекаде, и морам да признаам дека секогаш се обидував да го разберам турското однесување, изворот на поведение на Турција“, кажа Ахмет Абдул Геит – секретар на Арапската лига.
А изворот е силниот човек на Турција, втурнат во воен конфликт и од својата националистичка рефлексија, која нужно налага Ердоган да бара надворешни закани, во отсуство на политички решенија за домашните проблеми.
Однесувањето на Анкара ги става под силен тест веќе влошените односи со САД, но и со Москва, клучниот сојузник на фрагментираниот Дамаск.
„Ова е рентген снимка на Сирија денес. Фрагментација. Фрагментација. И тоа е ужасно опасно бидејќи ако ја оставиме таква, и не ја одржиме обединетоста, суверенитот на земјата на обединет начин, може да дојдеме до Балканизација, или хронична Балканизација на тоа што е всушност фрагментација“, кажа Стаган де Мистура – специјален посредник за Сирија на ОН.
Ердоган е заложник на самиот себе, но во ништо поинаква позиција не е ни сирискиот претседател Башар Асад, одржан во игра благодарение на руската поддршка. Ни Асад не може да направи чекор назад, прифајќи на тој начин, турската војска да делува на сириска територија. Дотаму што веќе размислува за курдска автономија, од прагматичниот заклучок дека на таа територија веќе постојат 10 американски бази, а тие не се лесни за дислоцирање.
На крај, за целата работа ќе се решава и во салите на Кремљ. Путин му даде дозвола на Ердоган за акцијата „маслиново гранче“, Путин е тој што може да му ја одземе. Токму Русија ќе биде посредникот помеѓу Турција и Сирија, и којзнае, евентуален договор, може по којзнае кој пат да го уништи сонот на Курдите за автономија.
Сепак, за таа судбина ќе мора да се прашаат и Американците.
Ивор Мицковски