
Техничка комисија ќе ја води ЕУ, новиот состав не е готов
Комисијата на Жан Клод Јункер продолжува со работа, но како техничка затоа што новиот состав на Европската Комисија, што требаше да стапи на функција од утре, сѐ уште не е комплетиран бидејќи недостасуваат уште еврокомесари.
Комисијата на Јункер ќе остане на функција додека не биде назначена новата комисија на Фон Дер Лајен и тоа е во согласност со добро познатиот принцип на обезбедување постојаност на јавните услуги,
вели портпарлоката на ЕК Мина Андреева.
Техничката комисија на Јункер ќе биде со ограничени надлежности, како секојдневната административна работа и без прејудицирање на политичкиот избор на претстојната Комисија, објасни Андреева.
Тековните предмети и процедури за кои не се потребни нови иницијативи или носење на политички чувствителни одлуки, продолжување на улогата на чувар на повелбите, што, меѓудругото, покрива и прекршочни процедури, итни досиеја или процедури кои мора итно да бидат решени во согласност со применливите правни насоки,
потенцира Андреева.
Фон дер Лајен ја чека номинацијата на кандидат за комесар од Романија а поради одлагањето на Брегзит инсистира и Обединетото Кралство да го пополни своето место во комисијата со кандидат. За сега Лондон одбива, но од унијата потсетуваат дека ова е еден условите под кои е прифатено одлагањето на Брегзитот.
Најоптимистичките најави се новиот состав да стапи на функција на први декември, но тоа е тешко остварливо. Покрај недостатокот на номинации од Романија и Велика Британија, се уште не се сослушани ниту кандидатите на Унгарија и Франција. Откако ќе бидат прифатени кандидатурите и сослушани предложените кандидати, Европскиот Парламент ќе треба да гласа за севкупниот состав на ЕК.
Игор Трајков