САД потврдија дека во Сирија е убиен и портпаролот на ИД, ал-Мухаџир

САД денеска потврдија дека во операцијата на американските сили на северот од Сирија е убиен портпаролот на Исламска држава, Абу ал Хасан ал-Мухаџир, кој важеше за втор човек на ова екстремистичка организација.

Курдските сили во Сирија во неделата соопштија дека ал-Мухаџир е убиен во заедничка акција на курдските и американските сили на северот на Сирија и дека бил ликвидиран во продолжение на операцијата во која претходно погина лидерот на ИД, Абу Бакр ал-Багдади.

Курдските сили соопштија дека Мухаџир бил „десната рака“ на лидерот на ИД, ал-Багдади, потсетуваат британските медиуми.

Официјален претставник на Стејт департментот, кој побара анонимност, исто така, наведе дека ал-Мухаџир бил „бројот два“ во Исламска држава, додавајќи дека тој е убиен во одвоена операција на американската армија од таа во која беше убиен лидерот на ИД, наведуваат британските медиуми. Претставникот на Стејт департментот додал и дека мнозинските курдски Сириски демократски сили (СДФ) имале значајна улога во операцијата во која е убиен Мухаџир.

САД сакаат да ја зајакнат коалицијата која се бори против т.н. Исламска држава (ИД) во североисточна Сирија, изјави неименуван висок функционер од Стејт департментот.

По убиството на лидерот на ИД Абу Бакр ел Багдади, неименуваниот функционер изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој на 6 октомври најави повлекување на американските сили од северна Сирија, со тоа не наговести дека Вашингтон се откажува од борбата против терористичката организација.

– Никогаш не беше идеја да се напушти мисијата за гонење на ИД … Тоа е огромен напор кој продолжува, изјави тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата објави дека Ел Багдади е убиен за време на рацијата на американската армија во северна Сирија, откако се разнесе со експлозив во тунел. Трамп информира дека 15 минути по смртта на Багдади, бил извршен ДНК тест со кој било потврдено дека тоа навистина е тој.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ