
39-те луѓе пронајдени мртви во камион во Англија биле кинески државјани
Британската полиција потврди дека 39-мина луѓе чии безживотни тела беа пронајдени во камион ладилник во индустриски комплекс во југо-источна Англија биле кинески државјани.
Според овие информации, меѓу нив има 31 маж и 8 жени.
Камионот и контејнерот во кој биле пронајдени мртвите Кинези патувале одвоено пред да завршат во местото Грејс, 40-тина километри источно од Лондон, каде биле пронајдени во раните утрински часови во Среда.
Според сегашните информации на британската полиција, контејнерот-ладилник патувал од белгиското пристаниште на северното море, Зебруж до англиското градче Пурфлит, каде пристигнал вчера во раните утрински часови.
Камионот пак, се верува дека пристигнал од Северна Ирска. Британската полиција денеска спровела истрага на две локации во северна Ирска и го испрашуваше 25-годишниот шофер, Мо Робинсон, од градчето Портдаун, кој е уапсен како осомничен за убиство на 39 луѓе. Тој се уште не е формално обвинет.
Белгиското обвинителство потврди дека се проверува колку време возилото поминало во Белгија,дали станува збор за часови или денови.
Лекарските екипи ги открија телата во камионот – ладилник во индустрискиот комплекс во Грејс околу два и пол по полноќ по локално време.
Иако камионот бил регистриран во Бугарија, властите во Софија негираат дека некоја од жртвите е од оваа држава. Според информациите, камионот бил регистриран како дел од компанија, чиј сопственик е ирски државјанин.
“Камионот бил регистриран во Бугарија во 2017. Ја напуштил Бугарија пред две години и оттогаш не се вратил. Затоа и не е возможно дека овие луѓе биле земени од Бугарија. Како и да е, врската е британска и ирска , затоа што каминот е таму и луѓето се таму. Британската полиција треба да ги уапси криумчарите на луѓе кои го направиле сето ова. За мене беше значајно дека камионот не заминал од Бугарија” – изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
Ова не е прва ваква ужасна имигрантска трагедија во Англија. Во 2000-тата година во камион во пристаништето Довер биле пронајдени 58 мртви мигранти кои повеќе месеци патувале од јужната кинеска провинција Фуџијан а исто така во Англија влегле преку белгиското пристаниште Зебруж.
Британија останува атрактивна дестинација за мигрантите, дури и по најавите за Брегзит, со или без договор.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, во Парламентот вети дека криумчарите на луѓе ќе бидат безмилосно прогонувани и казнувани според законот.
Никола Илиевски