
7 загинати во безредијата во Чиле
5 луѓе ги загубија животите во пожар во една текстилна фабрика во близина на главниот град на Чиле, Сантјаго, со што бројот на загинати во насилните протести се искачи на најмалку 7.
Војската и полицијата употребиле солзавец и водени топови против демонстрантите а во поголемите градови бил воведен и полициски час. Вонредната состојба веќе прогласена во Сантјаго ќе се прошири и во градови во северниот и јужниот дел од државата.
Протестите во урбаните средини во Чиле, предизвикани од сега веќе суспендираната повисока цена на билетите во подземната железница, ескалираа во бес заради високите животни трошоци и нееднаковста. Голем број банки, училишта и продавници во Сантјаго и други градови денеска ќе останат затворени.
Според полицијата, биле регистрирани 70 сериозни инциденти на насилство, меѓу нив и 40 грабежи во супермаркети и други продавници. Над 10 000 полицајци и војници биле распоредени на улиците во повеќе градови во Чиле а досега биле уапсени над 1400 демонстранти.
Н.И.