
Ќе го добие ли Џонсон мнозинството во парламентот за договорот за Брегзит?
Се води финалната битка во британскиот парламент за тоа дали Обединетото Кралство ќе излезе од ЕУ со или без договор на 31 октормври. Во својот обид да ги разубеди парламентарците да го изгласаат договорот, премиерот Борис Џонсон во познатиот жесток манир го бранеше она што го договори со ЕУ. За него е бесмислено ново одложување. Истото би било премногу скапо и одново ќе ја разниша довербата кај јавноста. Побара разум и обединување.
- И затоа сега за нас е итно да одиме понатаму и да изградиме нова врска со нашите ЕУ пријатели, врз база на новиот договор. Договор кој ќе ги залечи несогласувањата во британската политика, ќе ги обедини завојуваните инстинкти меѓу нас. Време е овој прекрасен Долен дом да се здружи да ја обедини нашата земја, порача Џонсон.
Но, опозицијата не се разубедува. За нив, новиот договор е лош, а влијанието од него ќе се почувствува во иднина.
- Но, ние едноставно не можеме да гласаме за договор кој е дури полош од оној кој парламентот го одби трипати. Економската анализа на владата за овој договор ќе ги направи и најсиромашните области уште посиромашни, и секој човек ќе го чини над 2.000 фунти годишно, предупреди Корбин, лидерот на опозициските лабуристи.
Џонсон се надева дека новиот договор ќе помине, иако со тесно мнозинство. Премиерот ја побарал и поддршката од ториевските пратеници кои минатиот месец ги исфрли од партијата бидејќи му се противеа. Се надева на позитивен резултат и покрај противењето на коалициските унионисти, кои се изјаснија дека ќе гласаат против. Ако пратениците не го изгласаат договорот, на земјата и се заканува т.н. тврд Брегзит.
Но, другата можна опција е ново одложување – на што Џонсон остро се противи. Всушност, најголеми се шансите да се изгласа аманманот на поранешниот конзервативен пратеник Оливер Летвин. Тоа ќе значи дека Брегзитот ќе биде одложен се додека парламентарците и Домот на лордовите не усвојат закон за спроведување на догворот. Тогаш може да се гласа за владиниот предлог, но со амандманот на Летвин, поради што Џонсон ќе биде принуден да бара одложување за три месеци. Ревидираниот договор на Џонсон е речиси ист како и оној на премиерката Тереза Меј, освен што нема да постојат физичките проверки на ирската граница. Наместо тоа, ќе се повлече нова царинска граница долж Ирското море.
Во меѓувреме, народот е сериозно изморен и збунет од комплицираниот Брегзит. Додека пратениците ја решаваат нивната судбина, тие излегоа на улиците и бараат да останат во унијата. Бараат нов референдум, велат дека се чувствуваат безгласно. Голем дел од британците, ситуацијата ја споредуваат со национална катастрофа која ќе ја уништи економјата.
Алиса Шутиноска