Курдите и Сиријците се договорија заеднички да се борат против турската офанзива

Сириските владини сили почнаа со распоредување во близина на турската граница само неколку часа откако беше постигнат договорот меѓу сириската армија и курдските Сириски демократски сили за заедничко стопирање на турксата офанзива. Се уште не се познати деталите од договорот, но лидерот на сириските Курди Мазлум Абди потврди дека морале да се согласат на болни компромиси.

Сириските Курди беа главните сојузници на западот во борбата против Исламската држава и се најзалсужни за нивното потиснување во Идлиб. Тие беа вооружувани и обучувани од страна на САД, потег кој ги наруши односите меѓу Анкара и Вашингтон, затоа што Турција ги смета за терористички дел од групите кои ги сочинуваат Сириските демократски сили.

Непосредно пред почетокот на турската офанзива американскиот претседател Доналд Трамп нареди повлекување на 1.000 американски специјалисти распоредени во североисточна Сирија, во 30 километарската зона за која Анкара тврди дека треба да биде слободна од курски борци. Потегот на Трамп го отвори патот на турската армија а Курдите го оценија како нож во грбот, што ги поттикна да бараат сојузник во довчерашниот непријател Башар ал Асад, зголемувајќи ги стравовите од ексалација на ситуацијата.

Турската офанзива во Сирија очигледно е централна причина за нашата загриженост. Во текот на изминативе часови и двајцата имавме прилика да разговараме си претседателот Трамп и претседателот Ердоган и да испратиме јасни пораки и нашата заедничка желба оваа офанзива да запре,

рече синоќа францускиот претседател Емануел Макрон.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера рече дека турската армија контролира повеќе од 100 квадратни километри сириска територија, вклучувајќи 20-тина села и градот Рас ал Аин а офанзивата ќе продолжи со напад врз градот Манбиџ, кој се наоѓа на границата на предложената безбедна зона.

Ќе почнеме со спроведување на нашата одлука за Манбиџ. Како што знаете заедничкиот договор со САД за Манбиџ беше терористичките организации да се евакуираат од градот за 90 денови. Но цела година помина и Манбиџ се уште не е евакуиран. Кога градот ќе биде евакуиран, ние, Турција ќе се повлече,

тврди Ердоган.

Западот стравува дека ескалацијата на судирите ќе оди во полза на Исламската држава, која пред офанзивата се наоѓаше на раб на пораз. Дополнителен проблем е и тоа што курдските Сириски демократски сили во моментов држат илјадници затворени исламистички борци а во бегалските кампови се сместени над 12.000 цивили, најголемиот дел семејства и роднини на борци од Исламиската држава, од кои најмалку 4.000 се странски државјани. Западот стравува дека сириските Курди потиснати од турската армија нема да бидат во можност да ги задржат заробените исламистички борци да ги засилат позициите на Исламската држава во Идлиб.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ