
Тајфун Хагибис: Јапонија со 27 000 спасувачи се справува со последиците од невремето
Јапонија распореди повеќе десетици илјади војници и спасувачи по една од најлошите временски неприлики во последните децении, во која животот го загубија 23 лица.
Тајфунот Хагибис, вчера прво удри по регионот јужно од Токио, по што силните ветришта и поројните дождови продолжија кон север, предизвикувајќи големи поплави.
Покрај официјалниот број на загинати во невремето, уште 17 луѓе се водат како исчезнати, соопштија јапонските медиуми.
“Тајфунот предизвика сериозна материјална штета во поголем дел од источна Јапонија. Во еден миг, специјалното предупредување за поројни дождови беше објавено за дури 13 префектури. Од повеќе брани моравме и итно да ослободуваме вода а повеќе реки се поплавија. Се соочивме со рекордни поројни дождови” – изјави секретарот на јапонската влада Јошихиде Суга .
Властите потврдија дека 27 000 припадници на јапонската армија и останатите спасувачки агенции се распоредени на терен, да им помогнат на најзагрозените граѓани.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе вети дека властите ќе ги преземат сите неопходни мерки и доколку е неопходно ќе распоредат и повеќе спасувачи.
“Заедно со полицијата, пожарникарите и јапонската крајбрежна служба, 27 000 припадници на одбранбените сили во моментов учествуваат во спасувачките активности. Кога ќе биде неопходно, ќе ги засилиме овие мерки” – изјави јапонскиот премиер, Шинзо Абе.
Тајфунот денеска веќе помина низ Јапонија и е со намален интензитет.
Спасувачите со хеликоптери и чамци поминуваат низ поплавените региони и ги извлекуваат луѓето кои останале заробени во своите домови по страотното невреме.
Речиси 150 000 куќи и станбени објекти во поширокиот регион на Токио се без електрична енергија а голем дел и без вода за пиење.
Железничките линии на брзите возови и авионските летови започнаа денеска повторно да функционираат откако беа целосно запрени заради тајфунот.
Според јапонските медиумите, најголем дел од смртните случаи се на луѓе кои биле затрупани од лизгањата на земјиштата или пак биле однесени од водената стихија на реките кои се излеале од своите корита.
Метеролозите соопштија дека во делови од најтешко погодените региони во последните два дена паднале речиси 40% од просечните врнежи во текот на една година. Во градот Хаконе, во близина на планината Фуџи, во петок и сабота наврнал повеќе од 1 метар дожд, најголема количина воопшто измерана во текот на 48 часа во историјата на Јапонија.
Пред тајфунот да ја зафати Јапонија, властите апелираа до повеќе од 7 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, но претпоставките се дека само 50 000 луѓе го послушале апелот и се сместиле во засолништата.
Никола Илиевски