
Белград се надева за обновување на дијалогот со Приштина, по победата на опозицијата
Опозицијата победи на предвремените избори на Косово и направи пресврт во досегашната политика. Тесна победа извојува движењето Самоопределување на Албин Курти. Победата дојде најмногу од гласовите од дијаспората, кои, кога се собраа ја изменија сликата, и на второ место за неполн процент падна Демократскиот сојуз. Токму малата разлика во гласовите не можат да го одредат новиот мандатар. А тоа беше и причината зошто Самоопределување и Демократскиот сојуз, иако со слични програми, не се договорија за предизборна коалција. Блага предност има Албин Курти, пред адвокатката Вјоса Османи.
- Изборот на премиер на Косово до сега никогаш не зависел од изборниот резултат, туку тоа е една голема комбинација на малите елементи, вклучувајќи ја и меѓународната заедница, без оглед на нивните демантирања, вели Тијана Лазаревиќ, уредник на портал Коссев во Косовска Митровица.
Неквалитетниот живот на луѓето на Косово, сиромаштијата, невработеноста, одливот на мозоци, ја донесе победата на опозициските партии. Дополнително, ендемската коруптивност на поранешната воена коалиција ги разочара граѓаните.
Но, без оглед на тоа кој ќе биде мандатар, новата влада ќе треба да го обнови дијалогот со Белград. Нема да можат ниту да ја потценат и единствената српска партија, Српска листа која освои десет мандати. Вучиќ се надева дека новата влада ќе биде разумна и ќе ги укине таксите и ќе создаде пат за продолжување на дијалогот.
- Ќе бидеме подготвени да разговараме со легитимните албански претставници, кој и да е тоа, не сме ние тие што ќе ги избереме…но наше е да разговараме со нив и тоа ќе бидат многу тешки разговори. Тука нема голема филозофија., рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Но, Курти во својот победнички говор рече дека под негово водство нема да се поставува прашањето што и дава Косово на Србија, во замена за признавање, туку кој е долгот кој Србија го има кон Косово. За политиколозите, тој е познат по своите екстремни изјави, но се надеваат на разумност откако ќе ја вкуси комплексноста на власта.
- Тоа не е порака која охрабрува, но не треба да се затворат сите врати и да се каже дека Албин Курти нема да биде прагматичен и реален, бидејќи луѓето кога ќе дојдат на власт, тогаш согледуваат со кои комплексни проблеми се соочуваат, смета политичкиот аналитичар, Стефан Сурлиќ.
Голем предизвик следува за новата косовска влада и на внатрешен и на надворешен план. Она што ја охрабрува српската страна е што и Курти и Османи за воведените такси на српските производи изјавуваа дека се популистички мерки, кои ги спречија разговорите Белград – Приштина.
Алиса Шутиноска