
Американските училишта заложници на моќното лоби за производство на оружје
Америка никако да се промени. И по последниот масакр во училиштето во Флорида, каде од ученик уби 17 деца, Америка и нејзиниот претседател не се во состојба да го идентификуваат проблемот, наречен оружје.
Напротив, откако ја преспа крвавата ноќ, рано изутрина Трамп излезе со твит каде вината за масакрот им ја префрли на соседите и на училиштето кои наводно не ги информирале властите.
Потоа се обрати и на прес конференција, каде во 6 минутното обраќање, ниту еднаш не го спомна оружјето и леснотијата со која може да се набави во најголем број федерални држави.
Наместо тоа, Трамп говореше за проблемот со менталните пореметувања и како Америка треба да развива култура на почитување на животот.
„Мораме исто така да работиме заедно во креирањето на култура во нашата земја која го прегрнува достоинството на животот, која создава длабоки и значајни човечки врски и која ги претвора учениците и колегите во пријатели и соседи. Нашата администрација работи во тесна врска со локалните власти во истражување на пукотницата и да дозанеме се што можеме. Посветени сме да работиме со државните и локални лидери со цел обезбедување на нашите училишта и соочување со тешкиот проблем на ментално здравје“.
Но, Трамп заборава дека токму еден од неговите први потези еднаш на власт, беше да ја укине одредбата донесена од неговиот претходник Обама, со која се забрануваше луѓето со ментални проблеми да поседуваат оружје.
Гимназијата од Паркленд на овој начин се придодава на една долга листа на вооружени масакри во САД. Тоа што ужаснува е речиси „научниот“ пристап на младиот убиец кој и бил сигнализиран на ФБИ и кој веќе постирал видео на социјалните мрежи каде кажал дека ќе стане професионален убиец во училиштата. 19 годишниот Круз носел гас маска, димни бомби, дури бил доволно луциден да го активира противпожарниот аларм, со цел да ги натера учениците да излезат од училниците и да има полесна мета.
Во генералната општествена депресија и резигнација од несоочувањето на властите со проблемот наречен оружје, можеби најдиректен беше тренерот на Голден Стејт, Стив Кер.
„Ништо не се прави. Делува дека не и е важно на нашата Влада што деца се убиваат од ден за ден во училиштата. Не им е важно што луѓе се убиваат на концерти, во кино сали. Не е доволно, оцигледно, за да ги помрдне нашите лидери, нашите власти, луѓето кои ја водат земјата, всушност нешто да преземат. Тоа е деморализирачки. Можеме да направиме нешто околу тоа. Да изгласаме луѓе кои всушност имаат храброст да ги заштитат животите на луѓето, а не само да потклекнат пред Националната Асоцијата на оружје, само затоа ги финансираат нивните кампањи“.
Широко распространето е мислењето дека масакрот можел да се избегне, под услов законите во Флорида да не дозволуваат 18 годишник да може легално да купи полуавтоматска пушка. И оттука се навраќаме повторно да најбројуваме статистики, ладни и бесмислени бројки додека американската реалност не се менува. Ова е вториот најкрвав масакар во едно американско училиште, по оној во Сенди Кук, основното училиште во Конектикат, каде во 2012 година беа убиени 20 дечиња. Паркленд е поголем масакар и од оној познатиот од 1999 година во Колумбајн со 12 мртви, познат пред се поради документарецот на Мајкл Мур.
Но, овој пат, за разлика од обидите на Обама да ја адресира огромната болка во американското општество, и да воведе некакви мерки за органичување на поседувањето на оружје, во реалност неуспешни, кај Трамп недостасува и самото морално лидерство пред една слична трагедија. Темата за оружје овој пат остана игнорирана и неспомената од американскиот претседател.
Темата околу контролата на оружјето во САД со децении не се поместува ни милиметар во законодавниот дом, каде партиските интереси од двете страни, се и понатаму против какви било, макар и минимални измени на законите за продажба на оружје.
Замислете, после масакрот на концертот во Лас Вегас, се проба да се воведе ограничување на механизмот или додатокот кој полуавтоматските воени пушки, ги прави автоматски и уште поубиствени. Ни оваа ситна, минијатурна реформа не успеа да пројде кај лобито на производителите на оружје, кое доминира во американскиот Конгрес.
Ивор Мицковски