
Импичмент на Трамп: Пратениците прв пат го видоа извештајот против американскиот претседател
Членовите на американскиот конгрес за прв пат имаа можност да ја видат жалбата на свиркачот против Доналд Трамп, која доведе до повиците за неговиот импичмент.
Жалбата се однесува на контроверзниот телефонски разговор меѓ Трамп и украинскиот Претседател, Володимир Зеленски, потврдија американските медиуми.
Денеска во комитетот за разунавање во претставничкиот дом за овој скандал ќе сведочи и шефот на американското разузнавање, Џозеф Мегвајер. Содржината на жалбата/ извештајот на свиркачот се уште се води како тајна иако лидерите на демократите во американскиот конгрес, повикаа на нејзино итно објавување.
“Сметам дека обвинувањата се длабоко вонземирувачки. Исто така сметам дека се многу кредибилни. Жалбата е многу добро напишана. Секако, содржи и информации за комитетот да ги истражи со други сведоци и документи. Свесни сме што треба да се направи. Сакам да му се заблагодарам и на свиркачот за објавувањето на информацијата. Тоа што тој го направи откри навистина сериозни работи” – изјави претседавачот на комитетот за разузнавање, Адам Шиф.
На прес-конференцијата по завршувањето на неговото учество на самитот на ОН во Њу Јорк, американскиот претседател ја осуди и отфрли процедурата на импичмент како лажна вест и лов на вештерки. Тој додаде и дека лично не се согласувал со објавувањето на транскриптот од неговиот разговор со Зеленски.
“Не ми се допаѓа концептот на објавувањето разговори, затоа што кога претседател или премиер или крал/кралица ќе ги повикаат САД, не сакате да им кажете: знаете, ќе го објавиме разговорот до медиумите за лажни вести и тие ќе ве направат да личите на будали. Тоа значи дека е многу тешко да се работи на тој начин, треба луѓето да бидат комотни. Затоа, го мразев тоа. Но, вие луѓе кажувавте такви лаги, такви ужасни работи за разговорот кој беше многу невин и добар” – подвлече Трамп.
Според објавениот транскрипт од разговорот на 25-ти Јули, Трамп побарал од Зеленски да ги истражи сомнежите за корупција против синот на Џо Бајден, еден од неговите можни противници на претседателските избори кои ќе се одржат наредната година, иако засега нема никакви докази за некаква незаконска постапка.
Во објава на Твитер, Бајден оцени дека постапката на Трамп е јасна злоуптреба на власта и уште една потврда дека не може да му се дозволи уште 4 години да ја контролира Белата Куќа.
Никола Илиевски