
17 загинати во оружен напад во средно училиште во САД
Најмалку 17 лица загинаа во напад со огнено оружје во средното училиште Марџори Стоунман Даглас во Флорида. Нападот го изршил поранешниот ученик Николас Круз, кој претходно бил избркан од училиштето поради недисциплина. Круз застрелал три лица пред училиштето по што влегол во објектот и го активирал противпожаниот аларм. Повеќето од учениците мислеле дека се работи за уште една вежба во случај на пожар но налетале на Круз кој застрелал уште 12 ученици.
„Со моите другари се симнувавме затоа што мислевме дека се работи за противпожарниот аларм. Тука тој ја полнеше пушката и ние се качивме на третиот спрат и сите се собравме во една учулница. Ги слушавме куршумите како се приближуваат кон нас и викањето на децата,“ рече Доминик Тимпоне – ученик во Марџори Стоунман Даглас.
Полицијата и специјалните единици веднаш по пријавата пристигнале во училиштето и започнале со извлекување на учениците. Најголемиот дел од нив успеале на време да се засолнат, затоа што пред шест недели училиштето извело вежба во случај на токму ваков напад.
„Како може ова да се случи во оваа земја? Како може ова да се случи во оваа држава? Ова е држава која е фокусирана на безбедноста на сите наши деца. Единствено доаѓате до заклучок дека ова е чисто зло,“ изјави Рик Скот – Гувернер на Флорида.
Круз мирно и се предал на полицијата еден час по нападот во училиштетот. Нападот во Марџори Стоунман Далгас е шестиот оружен напад во училиште во САД годинава и најсмртоносниот напад по оној во основното училиште Сенди Хук во 2012 во кој загинаа 20 деца и 6 вработени. Од тогаш до сега во САД се регистрирани дури 291 оружен напад во училиште, што во просек претставува по еден ваков напад секоја недела.
Игор Трајков