
Задоцнета временска прогноза го поплави Истанбул
Истанбул се опоравува од незапаметеното невреме и поројниот дожд кој го погоди овој турски град. Најмалку едно лице е пријавено за загинато во дождот кој буквално ги поплави улиците и големата и историска Капали чаршија. Безживотното тело на мажот е пронајдено под подвозникот Ункапани во близина на Златниот рог во областа Фатих. Турските власти велат дека човекот бил еден од бездомниците кој барал засолниште во подвозникот, каде што поплавите достигнаа 190 сантиметри во длабочина. Се уште не е потврдено дали човекот се удавил за време на поплавата или бил во несвест или бил мртов и пред истата. Градското обележје, Големата Капали чаршија, објект стар 558 години кој неодамна беше реставриран, исто така беше погоден од поплавата. Сопствениците на старите дуќани денеска со полни раце работа, ги расчистуваат локалите кои до половина беа поплавени…
Властите го запреа и траектниот превоз преку Босфорот, еден од најважните водни патишта во светот што ги поврзува Црното Море и Медитеранот, а укинати се и некои трамвајски и метро линии. Еден автомобил падна во јама поради пропаѓање на патот, но патниците се безбедни и без повреди.
Дождот кој речиси го прелеа и морето, остави зад себе поплавени патишта и брегови. Центарот за координација на катастрофи во Истанбул соопшти дека во областите Фаит, каде се наоѓа поплавената чаршија, како и Ункапани и Еминону паднале 114 литри дожд на метар квадратен за само еден ипол час, иста количина дожд што нормално би се појавила во текот на целата зима. Улиците наликуваа на потоци, плоштадот беше преплавен притоа создавајќи слики како морето да се сретнало со земјата.
Неколку часа подоцна, северозападните градови Бурса, Кочаели и нивните околни области исто така беа погодени од поплавите, а предупредувања беа издадени и за главниот град Анкара.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу прстот го впери во метеоролозите, кои според него доцна предупредиле и најавиле помалку врнежи, односно 40 литри дожд на метар квадратен наспроти реалните 114.
Имамоглу најави имплементација на мерките кои треба да се преземат согласно новата шема за климатски ред и врнежи од дожд. Според метеоролозите температурите се очекува да се спуштат меѓу 5 до 10 Целзиусови степени.
Цеце Тодосовска