Уапсен напаѓачот од Ел Пасо кој уби 20, а рани 26 лица во шопинг-мол

Дваесет и едногодишниот Патрик Крусиус е уапсен како осомничен напаѓач во шопинг центарот во Ел Пасо, Тексас, каде вчера беа убиени 20 луѓе, а 26 се ранети. Крусиус кој е од близината на Далас кратко пред нападот на интернет објавил расистички, антиимигрантски текст. ФБИ отвори истрага за тероризам и властите истражуваат дали станува збор за напад од омраза.

Нападот се случил вчера околу 10.30. Во моментот на нападот во шопинг центарот во градот кој се наоѓа блиску до мексиканската граница имало околу 3.000 луѓе. Ел Пасо е пограничен град меѓу Тексас и Мексико, а околу 80 отсто од 680.000 жители се Латиноамериканци.

Полицијата на Ел Пасо се уште утврдува дали Крусиус е автор на објавениот текст на 4 страници. Во текстот, авторот е загрижен за напливот на Хиспанци во САД, оти тоа ќе ги замени белите гласачи и потенцијално ќе придонесе на следните избори во Тексас да победи Демократската партија. Тој ги критикува и републиканците за врските со корпорациите и уништувањето на животната средина. Иако го поддржувал Трамп за изградбата на пограничниот ѕид, тој вели дека неговите ставови за расното прашање се уште пред Трамп и секој обид претседателот да се обвини за неговиот напад е „лажна вест“. Иако негира дека е бел расист, тој сепак го поддржува човекот кој од расистички мотиви во март уби 51 верник во две џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ