
Војници и вработени во АРМ учествувале во упадот во Собранието
Професионален војник кој бил дел од толпата која упадна во Собранието на 27-ми април во моментот е на мисија во Авганистан. Таму како војник на АРМ, добива над 2 илјади ервра плата, а и МВР и во одбраната се истражува кој преку ред го пишал на списокот за мисијата Одлучна подршка.
Војникот во Авганистан е еден од вкупно десетина припадници на АРМ,вработени во одбраната и професори на Воената академија кои се идентификувани дека на 27-ми април влегоа во Собранието откако пратениците Мукоски и Василевски им ги отворија вратите. За сите нив се води дисциплинска постапка, а има сонзнанија дека уште дваесетина вработени во одбраната биле во првите редови во собраниските настани по изборот на Талат Џафери за спикер. Шекеринска денеска соопшти дека откако ја презела функцијата е откриено дека многумина кои оделе на службени патувања по враќањето не се раздолжувале со парите земени како аванс за непредвидени трошоци. Така се вратени над 120 илјади евра и над 230 илјади долари. Интересен е примерот со член на кабинетот на претходниот министер Јолевски, кој петнаесетина дена пред да замине од министерството за неколкудневно патување зел речиси 5 илјади евра како аванс и сега не сакал да ги врати.
Шекеринска на својот отчет за сто дена министерување рече дека правилниците за авансни наплати се сменети за да се спречат злоупотреби за кои има и судски служби. Министерката најави искоренување на широко распространетата политизација во министерството и во АРМ која изминатите години се зголемувала, а партиската припадност имала влијание дури и при избор на питомци на Академијата или при одлуките за доделување поголем чин. Шекеринска смета дека во своите сто дена успеала да го оживее процесот за приближување кон НАТО, за кој смета дека бил закочен последните неколку години.
Миомир Серафиновиќ