
Доналд Трамп сака да ја приватизира Меѓународната вселенска станица
Меѓународната вселенска станица (ISS) би можела да стане приватна според желбите на Белата куќа, од каде што стигнаа најави дека веќе нема интерес да се финансира скапата програма на НАСА, пишуваат американските медиуми.
Целта е да се приватизира ISS, што е вселенска станица сместена во ниската орбита на Земјата, а е управувана од Американска вселенска агенција, но е развиена во соработка со Руската вселенска агенција. ISS им служи на меѓународните екипажи, а особено е активна соработката со европските, јапонските и со канадските вселенски агенции за развој на научни истражувања во универзумот.
„Одлуката дека ќе престанеме да ја финансираме ISS од почетокот на 2025 година не значи дека платформата ќе биде затворена, туку во моментот работиме на наоѓање на решение кое ќе ја одржи станицата во живот како комерцијална платформа“, стои во документот кој го издаде Белата куќа.
НАСА ќе ги развива своите меѓународни и комерцијални партнерства и во наредните седум години со цел да се обезбеди континуирано присуство и пристап на луѓето во ниската орбита на Земјата, се наведува во продолжение на документот.