Египетските сили ликвидираа 28 џихадисти

Во обемната антиџихадистичка операција на египетските безбедносни сили, што започна во петокот, досега се ликвидирани 28 милитанти, соопшти денеска Армијата на Египет.

Во соопштението се наведува дека при операцијата, наречена „Синај 2018“, која се спроведува на Синајскиот Полуостров, во централниот регион на делтата на Нил и во западната пустинска област близу границата со Либија, се заробени уште 126 џихадисти.

Во операцијата се уништени и неколку возила и упоришта на џихадистите.

Како што јави АФП, египетската армија ја започна операцијата во пресрет на претседателските избори во март, на кои претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси очекува да биде реизбран на функцијата.

Локалните џихадисти, поврзани со групата Исламска држава (ИД),  започнаа со напади врз безбедносните сили во Египет во 2013 година, по превратот предводен од Сиси, со кој беше сменет од власт исламистичкиот египетски претседател Мохамед Морси.

Од април минатата година властите воведоа вонредна состојба во Египет, по двата бомбашки напади врз коптски цркви во Танта и Александрија, при што загинаа најмалку 46 лица. По ова, уследија уште неколку терористички напади на џихадистите, при што најсмртоносниот се случи во ноември, кога при напад врз џамија загинаа над 300 муслимански верници.

По нападот, претседателот Сиси им даде рок на безбедносните сили од три месеци да се справат со џихадистичките борци.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ