Демонстрантите во Хонг Конг се судрија со полицијата

Полицијата и демонстрантите се судрија на денешните протести во Хонг Конг додека властите се обидуваат да ја стават ситуацијата под контрола во округот Јуен Лонг. Денешните протести се поради минатонеделниот напад врз продемократските демонстранти од страна на маскирани луѓе а организаторите на демонстрациите ги обвинија властите дека замижале пред случајот. Антивладините и продемократски протести во Хонг Конг траат веќе седум недели. Стравувајќи од нови инциденти властите го забранија денешниот протест.

„Имаме право да протестираме и да одржуваме собири за да ги кажеме нашите барања. Затоа сметав дека треба да излезам на протестите денеска. Подготвен сум да ги сносам правните последици“, вели демонстрантот Оскар Чан.

Пред повеќе од два месеци протестите започнаа против контроверзниот закон кој дозволуваше екстрадиција на осомничени во Кина. Властите го повлекоа предлог законот, но демонстрантите продолжија да ги полнат улиците објавувајќи нови барања како истрага за полициско насилство во текот на протестите, демократски реформи и оставка од шефицата на регионалната влада Кери Лам.

„По насилството на 21 јули, како жител на Јуен Лонг мислам дека ми е должност да излезам на протести. По демонстрациите изминативе месеци владата се уште не одговори на нашите барања“, изјави друг демонстрант.

Минатата недела стотина маскирани лица ги нападнаа демонстрантите собрани кај метро станицата во Јуен Лонг при што беа повредени 45 лица, демонстранти, новинари и случајни минувачи. За нападот властите сомничат неколку криминални групи но демонстрантите ги обвинија дека полицијата реагирала многу бавно појавувајќи се откако напаѓачите избегале. Според полицијата до сега за нападот се уапсени 12 лица од кои деветмина имале врски со познати криминални групи.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ