Борис Џонсон најави „златно доба“ за Велика Британија

„Почеток на новото златно доба“ , вети новиот британски премиер Борис Џонсон во својот прв говор пред пратениците.

  • Нашата мисија е да го испорачаме Брегзит на 31-ви Октомври со цел обединување и повторно активирање на нашето големо Обединето Кралство и да ја направиме нашата држава најдобро место на Земјата, порача новиот британски премиер.

Џонсон рече дека тој и неговиот тим се во мисија да го разубедат Брисел повторно да ги отворат преговорите, а за тоа треба да му помогне новиот министер за Брегзит, Стивен Баркли. Објасни дека додека инсистирал Брегзитот да се случи со договор, сфатил дека земјата е многу подобро подготвена за напуштање на Унијата без договор. На Брисел му порача дека ќе стори се за да се постигне договор дури и во оваа доцна фаза.

  • И се надевам дека ЕУ ќе бидат еднакво подготвени. И дека ќе го преиспитаат нивното сегашно одбивање да се направи каква било измена во договорот за повлекување, Ако не го сторат тоа, ако не, тогаш секако ќе мораме да ја оставиме В. Британија без договор под Челнот 50. В.Британија е подобро подготвена за оваа ситуација отколку што другите мислат, вели Џонсон.

На ова му се спротистави првиот опозиционер. Го праша зошто сега е толку  против договорот кој го нудеше неговата претходничка Тереза Меј, во кој беше вклучен т.н. бекстоп со Северна Ирска, а за истиот тој договор гласаше самиот Џонсон. Лабуристот Корбин вели дека новиот премиер се преценил себеси, и земјата стравува дека наскор ќе стане вазалска држава.

  • Луѓето стравуваат дека далеку од желбата да ја преземе контролата, новиот премиер ефективно ќе не направи вазалска држава на Трамповата Америка, порача лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин.

Мали се шансите Џонсон да ги убеди Европејците да се вратат на преговарчка маса, посебно во август кога се сите на одмор. Брисел веќе предупреди да не смета на нови преговори во Договорот кој веќе беше дефиниран во месец мај, а посебно нагласуваат дека нема елиминирање на делот за бексстопот. И покрај војничкиот говор на Џонсон, од ЕУ блокот велат дека се подготвени за сите сценарија. Брегзит без договор за Велика Британија ќе значи хаотична економска ситуација која дополнително ќе ја поремети трговијата, наметнувајќи тарифи и царински контроли меѓу Британија и ЕУ блокот.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ