На Халкидики се проценуваат штетите од невремето кое уби 7 луѓе

На Халкидики се пребројуваат и санираат штетите од катастрофалното невреме со силен ветер кој дуваше со брзина од над 100 километри на час, и однесе седум човечки жртви, меѓу кои две мали деца. Сите беа туристи, а последното тело по 15 часа потрага беше извлечено од морето, и е на локален жител. Во болница се уште се 30 луѓе, а една постара жена е во критична состојба. Болничка помош побарале 120 лица. Жителите, видно вознемирени, раскажуваат за шокот од ветерот, кој иако траеше 20-тина минути, уништи се што му се наоѓаше на патот.

Грчките власти соопштија дека патната мрежа е целосно санирана, со исклучок на патот Мудања-Касандра каде што паднаа далноводи. Тука војската доставила генератори, а на жителите кои останаа без покрив над главата им е обезбедено сместување во хотел.  Во селата кои останаа без вода, формирани се специјални простории со флаширана вода за пиење. Интензивно се работ да се санира проблемот со струјата, а според властите штетата на мрежата е најголема од постоењето на грчката електродистрибуција.

Од македонското МНР јавија дека нема повредени македонски туристи, но голем дел од нив самоиницијативно се вратија во своите домови. До вчера ниту еден македонски државјанин не се пријавил во конзулатот во Солун за да јави некаква штета. Во земјата се уште трае вонредната состојба, со оглед на тоа што се очекува ново невреме.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ