Кирјакос Мицотакис и официјално е нов премиер на Грција

Конзервативецот Киријакос Мицотакис, кој ќе се соочи со тешка битка за исполнување на неговите ветувања за фискалните цели, положи заклетва како нов премиер на Грција. Во претседателската палата пред претседателот Павлопулот и пред поглаварот на грчката црква, во присуство на неговата сопруга и трите деца, тој се обврза дека напорно ќе работи за подобри промени во Грција. Денеска грчките медиуми излегоа со имињата на новите министри, иако Мицотакис и порача на јавноста да биде трпелива за имињата на новите министри, посебно за министер за финансии. Коментирајќи ја победата, рече дека таа е важна не само за Грција туку и за Европа, посебно што партијата Златна Зора не освои ниту еден пратеник.

Досегашниот премиер Алексис Ципрас и неговата левичарска партија Сириза ја загубија довербата и освоија 31,5% од гласовите, односно 86 пратенички места. На изборите со девет пратеници влезе и новоформираната партија на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис. Нова Демократија со 158 пратенички места од вкупно 300 во грчкиот парламент има апсолутно мнозинство. Но брзо ќе мора се справи со бројните проблеми на економски план. Во предизборните ветувања на Мицотакис се: поголеми вложувања во приватниот сектор, извоз и иновации. Тој вети намалување на даноците, приватизација на услугите во земјата и вработување на младите.

Европските министри за економија во Брисел веќе разговараат за Грција, која има строги фискални цели, иако веќе е ставен крајот на кредитите за спас. Претседателот на Европската комисија во заминување Жан Клод Јункер му ја честиташе „чистата победа“ на Мицотакис. Аналитичарот Серафим Сефериадес очекува новата влада да воспостави политика како строги мерки за штедење и приватизација. Гласачите ја казнија СИРИЗА но не и идеите на левичарите, вели тој.

Мислам дека ќе бидат посовесни, остри мерки за штедење, модел на балтичка држава кој вклучува, знаете, приватизација, ограничување на работничките права, очекување дека ако и дадете привилегии на повисоката класа ќе следува раст, вели Серафим Сефериадес, професор на Универзитетот Пантеон.

Победата на конзервативците следува откако левата партија на Алексис Ципрас дојде на власт ветувајќи крај на строгоста. Меѓутоа гласачите се свртеа против СИРИЗА откако ги прифати строгите фискални мерки во замена за меѓународна помош. Невработеноста и падот на економијата дополнително ја намалија поддршката.

  • Денеска е нов ден. Полни сме со надеж. Времето ќе покаже дали приликата вредеше, вели Марија Тембени.
  • Навистина е убаво шро нашата вадеж е голема дека нешто ќе се промени. Дека одиме скроз напред кон развојот, а тоа е решение за економските проблеми и потешкотиите низ кои поминуваат грчките граѓани. рече Јасос Крисокоридис.
  • Се чувствувам исто како и вчера- разочарано, кратко одговори Танасис

Но кој е новиот грчки премиер Киријакос? Неговиот татко Константинос Мицотакис беше премиер во раните 1990-ти години, а неговата сестра, Дора Бакојани, беше градоначалник на Атина, кога градот беше домаќин на Олимпијадата во 2004 година, пред да стане министер за надворешни работи на Грција. Заедно со социјалистот Папандреу и конзервативните семејства Караманлис, семејството Мицотаки со години владее со грчката политика.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ