
Земјите членки и натаму поделени кој да ја предводи ЕУ
Се уште трае ЕУ самитот во Брисел. Европските лидери во Брисел остануваат поделени и без договор околу клучното прашање – кој да ги добие клучните позиции во хиерархијата на ЕУ, вклучувајќи го и наследникот на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.
Разговорите меѓу нив продолжија утринава на доручек, откако земјите членки не успеаја да постигнат согласност на вчерашниот вонреден самит, по што Преседателот на европскиот совет, Доналд Туск, одлучи да прогласи пауза за билатерални преговори. Според информациите од Брисел, Туск и дел од европските лидери го предложиле холанѓанецот Франс Тимерманс, од политичкиот лев центар за нов претседател на ЕК.
Сепак, овој предлог наишол на силно спротиставување од источно европските земји членки како и од најголемата групација во Европарламентот, Европската народна партија која ги застапува конзервативните партии. Според процедурата на избор усвоена 2014 година преку таканаречен шпицен кандидат или главен кандидат, ЕУ лидерите треба да земат предвид која партија освоила најмногу мандати во Европскиот парламент. Тоа беше Европската народна партија, но проблемот е што немаат мнозинство. Францускиот претседател, Емануел Макрон е меѓу европските лидери кои се против кандидатот на европската народна партија, германецот Манфред Вебер.
Изборите во мај донесоа и големи придобивки за либералите и зелените, со што левиот и десниот центар не можат повеќе да доминираат со политиките на ЕУ.