
Црвен тепих за Трамп во Лондон
Со целиот раскош на кралска церемонија, и послан црвен тепих, Лондон го пречека американскиот претседател Донадл Трамп, кој пристигна во тридневна државна посета на Обединетото Кралство. Првиот американски брачен пар денот го минува во знакот на монархијата – формална вечера со кралицата, чај со принцот Чарлс и посета на Вестминстерската Опатија.
Но, со своето доаѓање во Лондон, Трамп го вознемирува својот најблизок американски сојузник, чиј политички естаблишмент со месеци е во хаос поради британското напуштање на ЕУ. Пред да дојде, Трамп успеа да се скара со лондонскиот градоначалник, Садик Кан, кого го нарече „безчувствителен губитник кој треба да се насочи кон криминалот во Лондон, а не на мене“. Лабуристот Кан вчера рече дека е важно да се има добри односи со Америка, но дека Велика Британија и не мора да постила црвен тепих за Трамп, кој го спореди со фашистите од 20-от век. На Кан му пречи што Трамп нема чувство за климатските промени, а исто така вели дека американскиот претседател се обидува непристојно да се “меша во трката за наследникот на Меј“.
Опозицијата ги поддржа и анти-трамп протестите. Со слоганите„Куклата на Путин“ „Не се верува на лажго“ и „Доаѓа импичмент“, демонстрантите не ја одобруваат државната посета на Трамп.
- Да, тој едноставно го презира човештвото, се гледа од површината. Ако не си блондинка, со големи гради жена, не го интересира ништо друго…
- Во основа тој е сам во својот свет и се што прави е реакција или пресметана постапка само за него. Или да се збогати, или да се чувствува подобро.
- Само за себе мисли, не чита, не е образован. Успеал да избега од воена служба, така што не знае низ што минува војската. Не прима совети од луѓето кои знаат нешто во владата. Тој е најлошото нешто што и се случило на нашата земја.
Демонстрантите не се сигурни дека нешто ќе постигнат, но заедно со Лабуристите сакаат да му порачаат на Трамп дека не е добредојден, а единствениот начин да ги слушне е да го допрат неговот его со навредливите транспаренти. За утре закажаа национален протест . Обезбедувањето е засилено, а се очекуваат од осум до 30 илјади луѓе.
Трамп најави дека неговата посета ќе биде мошне интересна и смета дека САД и Британија имаат можност да работат на мошне содржен трговски договор во блиска иднина. Утре ќе се види со премиерката во заминување Тереза Меј, но нема најава дека би се сретнал и со евентуалниот нејзин наследник Борис Џонсон, кого Трамп јавно го поддржа.
Алиса Шутиноска