Судири меѓу опозицијата и полициските сили на анти-владиниот протест во Албанија

Илјадници албански опозициони поддржувачи излегоа вчера на улиците на Тирана да бараат нови избори во државата и покрај повиците од западните сили за потребата од политички преговори меѓу власта и опозицијата за наоѓање мирен излез од кризата во Албанија.

Протестите повторно завршија со насилство, при што во судирите меѓу демонстрантите и полицијата биле повредени најмалку 7 полицајци и неколку демонстранти.

Поддржувачите на опозиционата Демократска партија, предводена од Љуљзим Баша, се собраа пред зградата на владата,каде со факели, димни бомби и молотови коктели ги провоцирале полициските сили. Полицијата со водени топови и солзавец успеале да ја разбие групата најагресивни демонстранти кои се обиделе да се пробијат во владата.

Опозицијата го обвинува социјалистот Еди Рама  и неговата влада за корупција и поврзаност со организираниот криминал. Тие одбиваат да преговараат со него, барајќи тој да поднесе итна и неотповиклива оставка и да се формира техничка влада која би ги организирала наредните вонредни парламентарни избори.

Протестите на опозицијата во Албанија, започнаа кон средината на Февруари.

Владата на Еди Рама ја обвинува опозицијата дека со насилството му нанесува штета на имиџот на државата додека лидерите на ЕУ одлучуваат дали да ги отпочнат преговорите за полноправно членство на Албанија во Европската Унија.

Официјален Брисел, но и Соединетите американски држави и останатите западни институции побараа од опозицијата да го избегнува насилството и наместо преку преговори да се обиде да пронајде излез од политичкиот ќорсокак.

Опозицијата се откажа од своите места во Парламентот и ги бојкотира локалните избори, закажани на 30-ти Јуни во Албанија.

 

Никола Илиевски

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ