Евроизбори: Пад на големите партии, раст на Зелените и Либералите, но и јакнење на екстремно десните партии

Изборите за Европскиот парламент, кои завршија синоќа беа обележани со голема излезност, но и значителен пад на двете најголеми партии до сега. Од друга страна неочекувано добар резултат освоија Зелените и Алијансата на Либералите и Демократите за Европа, како и подобри резултати на екстремните и популистичките партии, иако под очекувањата од пред изборите.

Двете најсилни партии остануваат Европската народна партија со освоени 179 мандати и социјалистите со 150 пратеници, и двете партии освоија 37 пратеници помалку од претходниот состав. По синоќешните резултати Либералите АЛДЕ стануваат трета политичка сила со 107 мандати дури 40 повеќе од досега. Зелените добија 70 мандати, односно 18 повеќе од досегашниот состав на парламентот.

Бараме промена за нова Европа, Европа која се бори против климатските промени, Европа насочена кон зелена транзиција на социјално праведен начин, Европа која се бори за владеењето на правото и се бори во одбрана на демократиите во сите земји членки. И за таква Европа се гласаше денеска, вели кандидатот на Зелените Бас Еикут.

Резултатите од изборите покажуваат дека на Европската народна партија и социјалистите ќе име биде потребна подршка од Либералите или Зелените за да го формираат мнозинството во Парламентот. Тоа исто така навестува дека Манфред Вебер, водечки кандидат на ЕПП, веќе не е главен кандидат за претседател на Европската комисија. Вебер го повтори ставот на Европската народна партија дека немаат намера да коалицираат со екстремистите од левицата и десницата.

За Европската народна партија не постои шанса за било каква соработка, желба, подготвеност за било каква соработка со екстремистите од левицата и десницата. Ова го кажав неколку пати и во кампањата. За нас можам да кажам дека нема да има соработка со било која партија која не верува во европскиот дух, во идниот проект на ЕУ, рече Вебер.

Евроскептичните партии, иако имаат подобар резултат отколку на претходните избори, не ги оставрија резултатите на кои се надеваа и кои ги најавуваа пред изборите. Неизвесно е дали меѓусебно ќе соработуваат и дали ќе ги задоволат критериумите за формирање нова пратеничка група, за што се потребни најмалку 25 пратеници од најмалку седум земји членки.

Што се однесува до крајната десница прашањето е дали ќе има мнозинство околу Матео Салвини и неговиот главен сојузник Марин Ле Пен, кои ќе можат да соберат и други групи, па така наместо групи со околу 60 места да имаат една која ќе отскокнува, добивајќи поголемо влијание со приближно 70 места, вели аналитичарот Емануел Ривиер.

На изборите излегоа повеќе од 51 отсто од гласачите во ЕУ, што е најмногу од првите директни избори во 1979 година, кога одзивот беше речиси 62 отсто и оттогаш е во опаѓање. Пред пет години на гласачките места излегоа само 42, 61 отсто од Европејците со право на глас.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ