Националниот протест на албанската опозиција повторно обележан со насилство

Mолотови коктели врз Владата, Парламентот и полицијата, најмалку 16 повредени полицајци и повеќе од 80 приведени демонстранти, е краткиот биланс за најнасилниот до сега протест на обединетата албанска опозиција синоќа во Тирана. Протестот почна во 18,30 но иако дозвола имаше за два часа, продолжи и по полноќ.

Протестираме затоа што сме невработени. Ова е влада на криминалци и крадци, тоа се корумпирани луѓе. Не постои суд, полиција, нема излез. Останавме без држава, без ништо. Господ да ни помогне, вели демонстрантот Хајредин Кеба.

Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша ги повтори барањата на опозицијата, „заминување на криминалецот Еди Рама“ и формирање преодна Влада, која ќе спроведе фер и демократски избори.

Денеска протестираме за права, за слободи, демократија, затоа што сега е полошо дури од времето на Енвер Хоџа. Ова е целосен, тоталитарен комунизам. Има голем одзив, има жени, девојчиња и студенти. Тоа покажува дека ова е народен револт, порача демонстрантот Башким Кадриа.

По синоќешниот голем одзив, охрабрени раководствата на политичките партии кои се дел од обединетата албанска опозиција на вонредна седница одлучија следнот голем протест да го одржат утре пред Владата во Тирана. Баша кој го оцени синоќешниот протест како извонреден, ја обвини полицијата за насилство, најавувајќи продолжување на „политичката битка се до ослободување на Тирана и цела Албанија од Владата поврзана со криминалот“.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ