
Русија ја слави 74-тата годишнина од победата над фашизмот
Со масовна парада на црвениот плоштад во Москва и дефиле на најсовремениот воен арсенал, Русија денеска ја одбележа 74-тата годишнина од победата над нацистичка Германија во втората светска војна.
Беспрекорниот механизам на кулата на спасителот на Кремљ во 10 часот по московско време го означи почетокот на прославата на денот на победата во големата татковинска војна.
Припадници на почесната стражарска служба на црвениот плоштад ги донесоа знамето на Русија и победничкото знаме кое советските војници го поставиле на зградата на Рајхстагот во Берлин на 9-ти Мај, 45-тата година.
Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, потоа му рапортираше на врховниот командант на руската федерација, Претседателот Владимир Путин.
Денот на победата е ден на нашата тага, гордост и безгранична благодарност кон бранителите на татковината, кои го поразија нацизмот, изјави шефот на руската држава во својот говор. Бранителите се вечна инспирација за сите нас, додаде Путин.
“Заклетвата “ќе умреме но не се предаваме” е усвоена од денешната генерација бранители на татковината и е главниот услов за целосната доверливост и непобедливост на руските оружја. Така размислувале и дејствувале милиони луѓе во текот на големата патриотска војна, кои се бореле во клучните битки во близината на Москва и во Сталинград, кај Курск и Дњепар. Победата била единствена цел на храбрите бранители на древните руски градови, Киев и Велики Новгород” – порача шефот на руската држава.
Во парадата учествуваа околу 13 000 припаднци на воената пешадија но и 130 различни видови воена опрема, од тенковите Т-34, познати по својата ефективност во втората светска војна до автономните интерконтинентални балистички проектили Јарс.
Низ црвениот плоштад за прв пат се појави и дел од најсовремениот руски воен арсенал, вклучувајќи ги оклопните борбени возила Тајфун, ракетните системи Тор, антитенковските ракетни системи Кризантема како и модернизираните самодвижечки топови со долг дострел МСТА.
Никола Илиевски