
Бар нема да сведочи пред Претставничкиот дом
Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар одби да сведочи пред Комисија за правда на Претставничкиот дом за неговото дејствување во врска со извештајот на специјалниот советник Роберт Малер за руското мешање во претседателските избори.
Претседателот на комисијата, демократот Џеролд Надлер го обвини дека го опструира Конгресот во заштита на претседателот Трамп.
„Се обидува да ја уцени комисијата да не продолжи со она што мислиме дека се најефективните средства за да ја добиеме информацијата која ни е потребна. Конгресот не смее да дозволи извршната власт, не смееме да дозволиме администрацијата да диктира како Конгресот ќе работи.“ – вели Надлер.
На страната на Бар е и Министерството за правда, кое од своја страна го отфрли барањето на Надлер Конгресот да го добие, целосниот, нередактиран извештај на Малер.
Пред објавувањето на извештајот на Малер, Бар не пресконференција соопшти дека заклучокот на истражителите на Малер е дека Трамп не соработувал со русите и не го попречувал извршувањето на правдата. За дел од јавноста и правните експерти, Бар се однесува како адвокат на Трамп.
„Самото негово однесување е такво што покажа силна и жолчна одбрана на претседателот. Понуди контекст чија цел е оправдување на неговото однесување, дури и на места каде извештајот на Малер одбиваше да понуди било какво оправдување, но не беа особено убедливи. И изгледа толку адвокат на претседателот колку што и изгледа како еден неутрален јавен обвинител.“ – професорот по американска политика на Универзитетот во Чикаго, Вилијам Хауел.
За време на неговото сослушување пред сенаторската комисија, Бар беше нападнат од демократите, кои го обвинија дека лажел и побараа оставка.
„Сега знаеме повеќе за вашата длабока вмешаност во обидот за заштита на Доналд Трамп. Да се биде Јавен обвинител на САД е света доверба, вие ја изневеривте таа доверба. Треба да си дадете оставка.“ – оцени Сенаторот од Хаваи, Мејзи Хироно.
Спротивно на заклучокот на Бар, извештајот не го ослободува Трамп од одговорност за попречување на извршувањето на правдата.
На повеќе места во текстот на истражителите на Малер се нотираат повеќе обиди на претседателот да влијае врз истрагата, за која сметал дека единствена цел и е да му наштети во извршувањето на функцијата.
Но на крајот Малер не дава јасен заклуок, дали Трамп се обидел да ја попречи истрагата или не, што остава простор за повеќе интерпретации и во исто време им дозволува на демократите да ја продолжат борбата.
Игор Трајков