Нови протести во Венецуела

Улиците на Каракас повторно полни со демонстранти, ден по обидот за воен државен удар на кој повика самопрогласениот преоден претседател Гуаидо. Главно збриралиште повторно е воената база Карлота Форт, која вчера беше нападната, но војската без да бира средства ги разби демонстрантите…Тие денеска повторно кон нив со камења, а за возврат добија водени топови и солзавец…

На другата страна од градот, не помалку бројни се и поддржувачите на актуелниот претседател Мадуро. Двете групи се надеваат дека ќе надвладеат во агонизирачката борба за власт, која во земјата станува се поочајна…„Денеска продолжуваме напиша Гуаидо на Твитер, и повика на најголемиот протест во историјата. И покрај вчерашниот неуспех, Гуаидо се уште тврди дека ја има поддршката од армијата. Но и Мадуро објавува дека командантите остануваат на негова страна, а неговите призврзаници тоа го потврдуваат.

  • Нашите луѓе излегоа вчера за поддршка. Отидовме до претседателската палата, боливарските воени сили, како блок, останавме интегрирани, структурно обединети над се, освен два – три исклучоци, изјави лидерот на Социјалистичката партија, Диосдадо Кабело.

По јаловиот обид за државен удар, Гуаидо замина од Каракас, а неговиот прв сојузник и политички советник Леополдо Лопез му го сврте грбот и побара азил во шпанската амбасада. Ситуацијата во Венецуела и натаму е тензична, а Америка која го поддржува опозицискиот лидер Гуаидо, се уште не го исклучила црвениот аларм дека е можна и воена интервенција.

  • Воената акција се уште е можна ако е потребно. Тоа ќе го сторат САД. Правиме се за да го избегнеме насилството. На сите вмешани страни им порачавме да не се вклучуваат во таква активност. Преферираме мирна транзиција на власта каде Мадуро ќе си замине и ќе се одржат нови избори, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Помпео по оваа изјава добил повик од шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој му кажал дека Америка со своето мешање во внатрешната политика на Венецуела го крши меѓународното право, а му порачал дека понатамошните агресивни чекори би можеле да имаат и тешки последици.

Венецуела е буквално пред целосен колапс. Граѓаните не го издржуваат животот, па така новите протести не ги плашат само ситуацијата да се реши.

  • Ова е нешто што мора да продолжи да се случува се додека не се реши. Се плашите, загрижени сте. Морав да се заклучам дома бидејќи чадните бомби не загушуваат, кучето е нервозно, трауматизирано од другите демонстранти, но не ми е грижа, сакам да биде вака и да продолжиме за конечно работите да се решат, вели пензионерката Араселис Јадо.

 Ќе биде добро, кризата во Венецуела да остане само на овие протести. Со сиромаштијата со која се соочуваат, недостатокот од лекови и храна – воената состојба која се најавува ќе биде тешко да се опише.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ