Ќе најде ли Ким Јонг Ун сојузник во Путин?

Два часа зад затворени врати разговарале рускиот претседател Владимир Путин и севернокоресјкиот лидер Ким Јонг Ун. Нивната прва средба се случи на осторовот Руски, во близина на пристанишниот град Владивосток, на далечниот исток од Русија. По состанокот во четири очи, двајцата лидери се заложија за поблиски врски.

  • Секако зборувавме за ситуацијата на Корејскиот полуостров, разменивме мислења за тоа што и како треба да се направи за да ја подобриме ситуацијата во иднина, изјави кратко Путин.

И севернокорејскиот лидер потврди дека ситуацијата на Корејскиот полуостров предизвикува најголма загриженост на глобалната политичка агенда. Северна и Јужна Кореја се обидуваат официјално да и се стави крај на воената состојба. Но, за светот, таа сé уште трае, бидејќи Корејската војна никогаш не завршила.

  • Причината поради која ја посетивме Русија беше да се сретнеме и да размениме мислења со вашата Екселенција, претседателе Путин, за Корејскиот полуостров и регионалната политичка ситуација која предизвика внимание во цел свет, како и да одржиме сериозни дискусии за стратегијата која ќе овозможи стабилност во регионалната политичка ситуација и за заедничко справување со ситуацијата, соопшти и Ким Јонг Ун.

Северна Кореја, во моментов бара нов сојузник, по неуспешниот самит во февруари со американскиот претседател Доналд Трамп. Москва и Пјонгјанг традиционално имаат добри односи, а Русија сака да покаже дека е главен играч во Корејскиот полуостров. Путин нестрпливо чекаше да се сретне со севернокорејскиот лидер, но покрај средбите Трамп-Ким, Кремљ беше некако ставен настрана. Русија, исто како и Америка и Кина, не е многу среќна Северна Кореја да биде нуклеарна држава. Вашингтон бара од Пјонгјанг да се откаже од своето нуклеарно оружје, додека Северна Кореја бара да и се укинат меѓународните санкции кои ја притискаат нејзината економија. Но, средбите со Трамп не му донесоа многу резултати на Ким Јонг Ун, а напнатоста продолжува. Па така, Севрна Кореја побара американскиот државен секретар Мајк Помпео повеќе да не учествува како главен преговарач и да биде заменет со, како што истакнаа, некој позрел.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ