Масовен погреб на жртвите во Шри Ланка

Во Шри Ланка денеска се одржа првиот масовен погреб за жртвите во терористичките напади за време на католичкиот велигден а во земјата е прогласен и ден на национална жалост.

Истовремено, полицијата соопшти дека бројот на жртвите во самоубиствените напади на црквите и хотелите се зголемил на 321 лице, додека околу 500-тини се ранети.

Полицијата и безбедносните органи сега се фокусираат на прашањето кој ги организирал нападите. Одговорност денеска презеде озлогласената исламска држава, додека владата на Шри Ланка како главни виновници ги посочи локалните џихадисти од групата Товид Џамаат.

Тврдењето на Исламска држава сепак треба да се земе со одредени резерви, бидејќи оваа организација обично одговорноста за своите операции ја презема многу бргу откако тие ќе се случат и ги објавува фотографиите на лицата кои ги извршиле бомбашките напади.

Утринава во 8 часот и 30 минути по локално време, временскиот период кога била детонирана и првата од 6-те бомби , жителите на Шри Ланка со 3 минутно молчење им оддадоа почит на жртвите но и на над 500-тините повредени во страотните експлозии. Националните  знамињата на сите институции беа спуштени на половина копје а жителите на Шри Ланка со наведнати глави и свеќи во рацете се молеа за жртвите.

Јас сум многу, многу тажен заради загинатите. Премногу луѓе беа убиени. Сите ние сме многу тажни заради тоа, вели локалниот жител Чарлс Фернандо.

Што очекувате од владата? Што сакате сега од владата?

Владата, тие ветија дека ќе исплатат компензација, но тоа нема да ги утеши срцата на луѓето, нели? Сите тие се несреќни.

Заради можна поврзаност со експлозиите, во притвор се 40 осомничени лица. Еден од приведените е Сириец, чиј идентитет бил откриен по испитувањето на локалните осомничени исламисти.

Властите во Шри Ланка прогласија и вонредна состојба, во обид да спречат нови напади.На тој начин, полицијата и војската добија можност да ги приведуваат и испитуваат осомничените лица без наредби од судот, овластувања кои последен пат безбедносните сили ги имале во текот на граѓанската војна во државата. Целосно беше блокиран и пристапот до Фејсбук, Вотсап и Инстаграм за жителите на Шри Ланка.

Министерот за одбрана на Шри Ланка, соопшти дека прелиминарната истрага открила дека самоубиствените напади се одмазда за крвавите терористички напади во џамиите во градот Крајстчрч, во Нов Зеланд.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ