Тензична политичка атмосфера во САД пред објавувањето на извештајот на Малер

Долго очекуваниот извештај од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за можно руско мешање во американските избори, на само неколку часа пред објавувањето предизвика жестока дебата во американската јавност. Конгресменот од редовите на демократите Џеролд Надлер, денеска го обвини главниот јавен обвинител Вилијам Бар дека води медиумска кампања во име на претседателот Трамп.

Бар пред помалку од месец дека го доби целосниот извештај од Малер и објави сумирана верзија од него, според која Трамп се ослободува од било каква вина во аферата.

Конгресменот Надлер тврди дека тоа е искривување на вистината и најави повеќе тужби против Бар.

„Главната загриженост е дека јавниот обвинител Бар не им дозволува на фактите да зборуваат и се обидува да ја искриви приказната во полза на Белата куќа. И секако тоа го прави пред празничниот викенд за да биде исклучително тешко некој да реагира.“

Извори од самата истрага и тимот на Малер, тврдат дека извештајот не отфрла одговорност за тогашниот кандидат а сегашен претседател Доналд Трамп. Демократите го критикуваат и потегот на Министерството за правда, кое најави дека извештајот ќе биде објавен околу пладне, дозволувајќи му на Бар да одржи пресконференција во меѓувреме на која ќе зборува токму за извештајот. Демократите обвинија дека пресот на Бар е несоодветен и непотребен и се појавува со цел да ја обликува перцепцијата на јавноста за извештајот уште пред некој да може да го прочита.

„Фактот што јавниот обвинител не достави дури ниту редактирана верзија на извештајот до Конгресот, пред неговата пресконференција, уште еднаш ќе резултира со тоа што извештајот ќе биде презентиран со неговите зборови наместо со зборовите на специјалниот обвинител Малер.“

Содржината на целосниот извештај им е позната само на Малер и неговиот тим и јавниот обвинител Бар, за кој Малер беше законски обврзан да му го достави извештајот пред самото обвјавување на документот.

Истрагата исто така требаше да утврди и дали Трамп го попречувал извршувањето на правдата, барајќи од поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми да ја прекине истрагата против првиот советник за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин.

Во својата сумирана верзија, Бар објави дека истрагата го ослободува Трамп од одговорност за соработка со Русија, но не го ослободува целосно од сомнежот за попречување на правдата во случајот со Коми.

Со тоа Бар го предизвика гневот на демократите, кои обвинија дека негова примарна цел е да го заштити претседателот Трамп.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ