Опожарената катедрала Notre Dame е показ за општата негрижа за културното наследство

Пожарот кој сношти ја зафати катедралата Notre Dame во Париз,  ја покажува негрижата и недоволните сретства што се одвојуваат во светот за заштита на културното наследство, велат од Здружението за заштита на културното наследство во опасност „ Син Штит“. А, според командантот на Притивпожарната бригада на Град Скопје, помошта во гаснењето на пожарот од воздух не била возможна зашто доколку француските ертрактори фрлат 6 тони вода, таа тежина може да предизвика оштетувања и на неопожарениот дел од објектот и да ги повреди насобраните граѓани наоколу.

Пожарот кој сношти го зафати симболот на Париз, надалеку прочуената катедрала Notre Dame, ја покажува севкупната светска негрижа и намалување на сретствата за заштитата на културното наследство, вели претседателот на Здружението „ Син штит“.

–              Постои една општа негрижа за културното наследство. Во разговори што ги имам правено со колеги наши од Синиот штит“, – Меѓународен комитет на „ Синиот штит “, во светски рамки и од поединечни национални комитети на „ Синиот штит“, се кажува дека се помалку и помалку се сретствата што одат за заштита на културното наследство, изјави Даворин Трпески- претседател на Здружението „Син штит“.

Трпески вели дека штетата е ненадоместлива и покрај најавената обнова на опожарениот објект. Со ист став е и професорката Снежана Филипова од Филозофскиот факултет.

–              Шилестата кула би можела да се обнови, но витражот од розетите нема начин да се реконструира со истите бои. Тоа е и најголема тајна и успешност на францускиот витраж, формулата за добивање бои, со интензитет кој не се губи ни после 9 века, вели Снежана Филипова- професорка на Филозофски факултет.

Во пожарот кој беснееше 9 часа, уништен е дрвениот  кров и поткровјето. За нивно градење биле употребени 1300 големи дабови дрва од кои се направени гредите, поради што овој дел од катедралата се вика шумата на Notre Dame.  Уништен е и еден од трите прозорци со мозаици. Сводовите не се оштетени, како и двете кули и главниот лак, бидејќи се од камен. 16 репрезентативни статуи се однесени на реставрација, минатата недела и така се спасени од пожарот. Интервенцијата од воздух била невозможна, за да не се оштети неопожарениот дел или за да не се повредат насобраните граѓани наоколу, велат од Противпожарната бригада на Град Скопје.

–              Француската пожарна има канадери кои што имаат 6 тонски авиони-ертрактори и таа голема количина вода, ако ја фрлаат на такво место, може данаправи поголеми проблеми, поголеми загуби , дури и човечки. Дури и тоа што не е зафатено со пожарот, може да биде уништено. смета Владимир Симоновски –командант на Противпожарната бригада на Град Скопје.

Notre Dame е реставрирана за прв пат во 19 век, а во 20 век уште двапати. Бисерот на готската архитектура беше во фаза на реновирање кога избувна пожарот. За новата обнова 100 милиони евра вети францускиот милијардер Франсоа Анри Пино.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ