Макрон: Ќе ја обновиме катедралата Нотр Дам

Францускиот Претседател, Емануел Макрон, вети целосна обновување на средновековната катедрала Нотр Дам, откако огромната огнена стихија, синоќа уништи дел од една од најзначајните градби во историјата на Франција.

Повеќе од 500-тини пожарникари се бореа во текот на ноќта со огнената стихија и успеаја да ја спасат од уништување главната камена структура на катедралата, вклучувајќи ги и нејзините две кули иако главната купола и дрвениот покрив се урнаа.

“Јас вечерва ви ветувам: Оваа катедрала повторно ќе биде изградена од сите нас. Таа веројатно е дел од судбината на Франција и ќе биде наш проект за годините кои следуваат. Јас сум посветен на ова. Почнувајќи од утре, ќе започнеме со меѓународна кампања за собирање средства за реставрација на Нотр Дам и тоа и надвор од нашите граници” – изјави францускиот Претседател, Емануел Макрон.

Речиси 9 часа откако избувна, пожарот беше ставен под контрола.

Причината за страотниот пожар се уште не е позната, но официјалните претставници тврдат дека можеби е поврзана со реновирањето на катедралата, кое е во тек.

Париското обвинителство соопшти дека засега пожарот се третира како несреќен случај. Еден пожарникар бил полесно повреден во текот на активностите за гаснење на огнот.

“Најлошото беше избегнато, иако битката се уште не е целосно завршена. Наредните часови ќе бидат тешки, но благодарение на храброста на пожарникарите, фасадата и двете кули не се урнаа” –подвлече Макрон.

Сопругот на холивудската актерка, Салма Хајек, милијардерот Франсоа Енри Пино, Претседавач и извршен директор на групата Керинг, која е сопственик на модните брендови Гучи и Ив Сен Лорен, вети дека ќе донира 100 милиони евра за реставрацијата на Нотр Дам, пренесе француската новинска агенција, АФП.

Пожарот кој го шокираше целиот свет, започна вчера околу 18 часот и 30 минути и многу бргу се прошири и до покривот на катедралата, уништувајќи ги прозорците и дрвениот ентериер, пред да ја зафати и сруши и главната купола.

Пожарникарите потоа со часови се обидувале да го спречат урнувањето на камбаните, додека големи број парижани од блиските улици со страв ја следеа работата на пожарникарите и пееја религиозни химни.

Пожарникарите и спасувачите успеале да спасат и повеќе значајни уметнички дела и религиозни предмети, вклучувајќи ја , според верувањата, и круната со трње која Исус ја носел пред да биде распнат.

Целиот свет изрази солидарност со французите. Ватикан со шок и огромна тага ги следеше настаните во глав град на Франција, додека УНЕСКО соопшти дека ќе биде целосно на страната на Франција во обид да го спаси непроценливото наследство на катедралата Нотрд Дам , која секоја година ја посетуваат речиси 13 милиони туристи, повеќе и од Ајфеловата кула.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ