Нетанјаху се поблиску до петтиот премиерски мандат

Актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху е победник на парламентарните избори, со што најверојатно си обезбеди петти мандат со тоа станувајќи премиер кој најдолго се задржал на функцијата, надминувајќи го и основачот Давид Бен Гурион. Според 96 проценти од преброените гласови партијата на Нетанјаху, Ликуд освои 37 места, само едно место повеќе од опозициската Сина и бела партија на поранешниот генерал Бени Ганц, која доби 36 пратеници. Но заедно со коалициските партнери Ликуд има 65 пратенички места во 120 члениот Кнесет на Израел.

Веќе вечерва започнав разговори со претседателите на десничарските партии, нашите природни сојузници. Веќе вечерва речиси сите јавно изјавија дека ќе препорачаат јас да ја формирам следната влада, ќе му предложат на претседателот, рече Нетанјаху.

Но, победа прогласи и Ганц. Поранешниот шеф на Генералштабот на израелската армија, партијата ја формираше пред само два месеци ветувајќи дека ќе ја обедини земјата која го изгубила својот пат.

Ќе бидам премиер на сите, не само за тие кои гласаа за нас. Никој кој не е од нашата партија не треба да биде загрижен. Единствено на што луѓето треба да размислуваат е што имаме заедничко, каде можеме да се обединиме на основа на заемното разбирање, со желба да постигнеме нешто витано и позитивно, порача Ганц.

И покрај истрагите и сомнежите за корупциски скандали кои Нетанјаху ги нарекува лов на вештерки, не ја изгуби подршката и освои нов мандат ветувајќи анектирање на еврејските илегални населби на Западниот Брег. Формирањето на новата влада не би требало да биде голем проблем за Ликуд, кој има соработувано со повеќето од 40 партии кои учестввуаа на изборите и со повеќето од нив се идеолошки блиску. Ниту една партија не освоила апсолутно мнозиство во историјата на Израел, од своето основање државата постојано ја водат коалициски влади.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ