
Меј во последен обид да ги убеди европските челници да одобрат продолжување на Брегзит
Европската Унија е отворена за новите барања од британската страна. Ова се најновите сигнали кои официјално пристигнаа од Брисел, пред утрешниот итен самит на кој треба да се разговара за барањето на британската премиерка, да се одложи излезот од ЕУ до 30-ти јуни. Брисел го менува ставот најмногу поради преговорите меѓу Конзервативците и Лабуристите, на кои инсистираше Тереза Меј.
- Од овој меѓупартиски дијалог, кој е нов елемент, може да излезе некое барање кое сме подготвени да го прифатиме и имплементираме, вели Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за Брегзит.
Но, секое ново барање од Британците мора, да биде во согласност со европските начела, потсети главниот европски преговарач.
- Морам да сум јасен за една работа. Оваа амбиција за идните односи, кои би содржеле, на пример, дополнување на договорот за слободна трговија, на што веќе се согласивме со Велика Британија, тоа беше најмалку што можевме да направиме. Царинска унија на пример, единствена царинска унија. Подготвени сме за неколку дена, неколку часа, да ја дополниме, да ја измениме политичката декларација, предупредува Барние.
Меј денеска е на последни средби со Меркел и Макрон, во обид да ги убеди да се согласат за одложи излезот од европското семејство, за што се бараат гаранции од Лондон. Брисел е изморен од оваа сага и бараат суштински прогрес од британската страна.
- Секако размислуваме за соодветно продолжување, исто така и за подолго продолжување, кое ќе биде поврзано со строги критериуми, вели заменик министерот за надворешни на Германија, Мајкл Рот.
Во меѓувреме, во Лондон партиските разговори меѓу Конзервативците и Лабуристите продолжуваат. Ако не постигнат компромис, за која и да е опција што ќе ја изгласа парламентот, Меј се обврза дека ќе бара ново јавно мислење, а тоа значи дека е можно да има референдум и за тоа дали да се излезе од ЕУ.
Алиса Шутиноска