
Актерката Билјана Беличанец пронајдена мртва
Македонскиот театар во длабока тага. На 46 години, почина Билјана Беличанец, првенка на Драмски театар и една од најталентираните и најквалитетни домашни актерки. Смртта на Беличанец ја потврдија од МВР, од каде велат дека си го одзела животот со бесење, а трагедијата во полициската станица Центар, ја пријавил сопругот Сашо Миленковски, кој го пронашол безживотното тело во бањата, нешто пред 23 часот, синоќа.
Билјана Беличанец беше најмладиот запишан студент на ФДУ. По дипломирањето 1994 година се вработи во НТ- Прилеп, а по три години премина во Драмскиот театар во Скопје, кој беше нејзина матична куќа. Беше пример за актерка која суверено игра во сите жанрови, на повеќе сцени и остави неизбришлив печат во 30-тина улоги. Меѓу нив се: Медеја, во истоимената претстава, Сузана во „ Свадбата на Фигаро“, Софија во „ Платинов“, Кинегонда во „ Кандит во земјата на чудата“, Малечката во „ Кинегонда во Карлаленд“, Ерика во „ Мефисто“, Старицата во „ Демонот од Дебар Маало“, Цвета во „ Грев или шприцер“ , Сара во „ Генетика на куќињата “, Македонка во „ Последните Македонци“ и Ема во „ Љубовници“. Играше и на филм и на телевизија, а пошироката јавност ја запозна како Туфи во детската серија „ Здраво генијалци“ . Освои повеќе награди за најдобра женска улога и за млад актер, на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, како и на „МЕСС“ во Сараево. Нејзината смрт, длабоко ги погоди колегите. Актерот Драган Спасов напиша на Фејсбук: „ Леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, а беше кревка како кокиче“. А, Васил Зафирчев ја спореди со античка хероина, со раскошен талент.
Билјана Беличанец беше градоначалник на Кисела Вода, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од 2013 до 2017 година. По повод нејзината смрт, Унијата на жени на партијата, упати телеграма со сочувство до семејството, а од неа се прости и сопартиецот Коце Трајановски, со кој ја делеа грижата за градот, обрајќи и се како на драга пријателка која заминала без поздрав.Комеморација за Билјана Беличанец ќе се одржи утре -понеделник (08.04), во новиот Дом на културата во Кисела Вода и во вторник (09.04), во 10 часот во Драмски театар. А , погребот ќе биде истиот ден, на пладне, на гробиштата во Бутел.
Сотир Трајков