Актер – комичар е фаворит на претседателските избори во Украина

Украинците гласаат денеска за новиот шеф на државата во првата рунда од претседателските избори.Актуелниот претседател Петро Порошенко се обидува повторно да ја добие довербата на гласачите, но сите анкети му даваат предност на комичарот Володимир Зеленски.

Вкупно 39 кандидати се на гласачките ливчиња, но шанса за победа имаат само тројца: Зеленски, Порошенко и поранешната премиерка Јулија Тимошенко.

41-годишниот Зеленски се обидува, популарното сатирично ТВ шоу, во кое глуми обичен граѓанин кој станува претседател на државата да го претвори во реалност.

Тој водеше целосно поинаква и различна кампања од своите главни ривали. Без големи собири, без интервјуа, додека не демонстрираше ниту некои силни политички ставови, освен ветувањето дека ќе биде нов и поинаков. Неговата политичката база се младите гласачи, кои во огромен број го следа на социјалните мрежи.

Подготвеноста да зборува на Украински и Руски , во периодот кога јазичните права се исклучително тешко политичко прашање, му дава одредена поддршка и во источна Украина. Истражувањата на јавното мислење му даваат јасна предност пред Порошенко и Тимошенко во првиот круг. Откако денеска гласаше, беше запрашан која странска држава прво би ја посетил доколку биде избран за Преседател.

“Тоа што ме загрижува најмногу се случувањата во нашата земја. Затоа мојата прва официјална посета како Претседател ќе биде на регионите на нашата земја за да ги решиме сите проблеми кои ги имаме во Украина” – одговори Зеленски.

Актуелниот шеф на државата, 53-годишниот Петро Порошенко, кој е еден од најбогатите Украински олигарси, водеше националистичка кампања и се обидува да ја добие поддршката на  конзервативните Украинци преку својот слоган: “Армија, Јазик, Вера”.

Порошенко тврди дека неговата поддршка на армијата ги држи под контрола проруските сепаратисти во Источна Украина. Во неговиот мандат беше потпишан и договорот за Асоцијација со ЕУ.

Сепак, амбициите на Порошенко сериозно се загрозени заради обвинувањата за корупција, и скандалот кој беше обелоденет пред еден месец, поврзан со продажба на воена опрема за Украинските безбедносни сили но со 3 до 4 пати поскапи цени од стандардните во кој профитирале блиски соработници на Украинскиот претседател.

“Јас реков дека ова е апсолутно најважно, дека клучната работа која се случува е дека сега го преминуваме Рубикон во поглед на тоа дека ниту ќе се враќаме во Советскиот Сојуз, ниту пак во руската империја. Затоа ова е исклучително важно за Украина, затоа поканивме и рекордно висок број меѓународни набљудувачи, рекордно е присуството и на медиумите, кое што го гледате тука. Но јас сум апсолутно убеден – Украина денеска ќе победи. Дефинитивно, пркосно изјави Порошенко.

Третопласирана во сите анкети е 58 годишната Јулија Тимошенко, во нејзиниот трет обид да стане претседател на Украина.

Таа имаше водечка улога во ткн портокалова револуција од 2004-тата година, првиот голем обид на Украина да се приближи до ЕУ и да се извлече од влијанието на Русија.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ