
Делумни но и условени предлози за Брегзит
По осумчасовни разговори европските лидери и понудија на Британија продолжување на членот 50 до 22 мај, ден пред европските избори, под услов следната недела британските пратеници да го одобрат веќе постигнатиот договор за напуштање на ЕУ. Доколку парламентот не го усвои договорот, догаш датумот на напуштање ќе биде многу порано, на 12 април. Премиерката Меј бараше продолжување до 30 јуни, но унијата не беше расположена за толку големо одолговлекување, особено затоа што на крајот на мај се одржуваат избори за ЕП. Брисел не сака продолжување на двегодишната агонија а Лондон не сака да учествува на изборите.
Не можеме ништо друго, ова го правиме две години, освен да го вратиме проблемот на прагот на британскиот Парламент и Даунинг стрит и да кажеме „видете, се уште е тука“. Сакаме да направиме се што е во наша моќ да го олесниме патот до севкупно решение во рамки на вашите црвени линии. Но ова станува се потешко како овие црвени линии стануваат се поконкретни, темно црни. А во моментов се прилично темно црни, вели холандскиот премиер Марк Руте.
По завршувањето на првиот ден од самитот британската премиерка рече дека опциите пред парламентот се јасни.
Ни ја дава можноста, пратениците следната недела , да ги разгледаат изборите кои јасно стојат пред нив. Можеме да напуштиме со договор на уреден начин, да го добиеме продолжувањето до 22 мај, или ако договорот не помине, тогаш пред 12 април мораме да излеземе со нов план. И ако тој нов план значи барање ново продолжување тогаш значи и учество во тие избори за ЕП, оцени Меј.
Следната недела британските пратеници по трет пат ќе гласаат за договорот, но процесот го искомпликува спикерот Џон Беркоу кој оцени дека за да се закаже трето гласање во парламентот се потребни значителни измени во предлогот.
Она што владата легитимно не може да го направи е повторно да го поднесе во Парламентот истиот предлог или значително сличен предлог како минатата недела, кој беше одбиен со 149 гласови, вели спикерот Беркоу.
Како и во текот на целиот процес на Брегзит Тереза Меј постигнува половични резултати во форма на постојани одлагања а така беше и по синоќешниот состанок на лидерите на ЕУ. Во моментов има повеќе прашања отколку одговори за тоа кога и како Британија ќе ја напушти унијата.
Игор Трајков