18 лица приведени на протестите во Белград, ЕУ апелира на смирување и мирни протести

Српската полиција привела 18 лица во врска со протестите и упадот во зградата на српската радиотелевизија, потврди нејзиниот директор, Владимир Ребиќ. Според него во судирот со демонстрантите биле повредени 6 полицајци.

“Вкупно за овие 2 дена, приведени се 18 лица. 9 се приведени заради прекршувања на законот за ред и мир а 8 заради сторените кривични дела. Кога зборувам за овие 9 лица кои се процесуирани пред надлежниот прекршочен суд, за 7 од нив се водеше итна постапка и 6-мина од нив се осудени на казна затвор од 30 дена ” – изјави директорот на српската полиција, Владимир Ребиќ.

Смирување на тензиите во Србија денеска преку својот портпарол, Маја Коцијанчиќ, побара и ЕУ.

“Правото на граѓаните да учествуваат во мирни демонстрации останува суштинска вредност на демократијата, протестите мора да бидат мирни и во рамките на законите, како што беше случај пред овој викенд. Смиреност и воздржаност се неопходни.” – изјави Коцијанчиќ.

Портпаролката на ЕУ додаде дека парламентот е местото кое треба да обезбеди простор за расправа со цел изнаоѓање заеднички решенија за проблемите кои ја загрижуваат јавности како и дека организираниот дијалог со граѓанското општество е од суштествено значење.

Потврда за своите ставови, во изјавата на Коцијанчиќ пронајде и српскиот Претседател, Александар Вучиќ.

“Тоа и јас го зборував. Можете да си шетате колку што сакате, сето тоа е во ред, но не може да има насилство и тоа е се што можам да кажам” – подвлече Вучиќ.

Претходната вечер, во интервјуто за  провладината ТВ Пинк, Вучиќ ги предупреди анти-владините демонстранти во Белград дека секој оној што ќе се одлучи да примени сила – ќе биде приведен истиот момент.

Српскиот претседател  повеќе пати посочи дека никакво насилство нема да биде толерирано и дека за тоа повеќе нема да има никаков разговор.

Тој оцени и дека неговите политички противници, кои ги предводат протестите, тоа го прават заради своите фрустрации, бидејќи не можат да го победат ниту во едно село, затоа што ја немаат довербата на народот.

Според него, на овие протести нема ништо што наликува на настаните од 5-ти Октомври 2000-тата година, кога со масовни протести беше соборен режимот на Слободан Милошевиќ.

“Јас не сум фасциниран со таа дата, ни најмалку, но ги почитувам луѓето кои мислеа дека излегле на улиците за да ја бранат волјата на народот. Овие денеска се борат против народната  волја.” – изјави Вучиќ.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ