Вучиќ не се плаши од фашистот Обрадовиќ и тајкуните Ѓилас и Јеремиќ

Српската опозиција ја крена опсадата на зградата на претседателството и демонстрантите ги префрли пред полициската станица каде беа приведени пет лица за синоќешниот упад во РТС. Едно 19 годишно момче по итна постапка доби 30 дена затвор а и останатите четворица ги следува сличен процес. Демонстрантите побараа ослободување на притворените, но при протестот пред полициската станица дел од нив почнаа да фрлаат со шишиња кон зградата по што беа приведени уште неколкумина.

Синоќешниот упад во јавниот сервис на Србија ги екалираше протестите 1 од 5 милиони. На денешните демонстрации обележани со серија мали инциденти, уште еднаш беше побарано оставка од Вучиќ, организирање предвремени избори, реформи во РТС и ослободување на медиумите за поголем пристап на опозицијата.

Добар ден ослободен народу. Ни осамна убав ден но на Вучиќ му зајде црна недела. Тој од денеска веќе не е претседател на Србија, изјави новинарот Срѓан Шкоро пред демонстрантите.

Откако ја заврши партијата шах и демонстрантите се префрлија пред полициската станица Вучиќ ја напушти зградата на претседателството. На преостанатите демонстранти им порача дека опозициските лидери се кукавици.

Нема ништо од тоа. Ви посакувам се најдобро и да живее Србија но не арамиска и фашистичка, порача Вучиќ заминувајќи од зградата на претседателството.

Отфрлајќи ги барањата на опозицијата Вучиќ се потсмеваше со одзивот на протестот кој при секој нареден собир е се помал. Српскиот претседател одржуваше пресконференција паралелно со протестите пред претседателството и демонстрантите кои ја пробија заштитната ограда околу зградата. Како што гледате многу сум уплашен, го започна своето обраќање тој.

Мислат дека ќе се тргнам или брзо ќе ги завршам одговорите на прашањата. Напротив ќе уживам тука и ќе ги чекам. Така ги пробија сите огради иако имаат непријавен собир а вкупно ги има 1023, да имате во предвид. Затоа што на сите камери избројавме 1023 глави, оцени српскиот претседател.

Опозициските лидери кои го предводат протестот ги нарече фашисти, тајкуни и тепачи и ги спореди со Жолтите елеци од Франција. Денеска и двете страни меѓусебно се обвинуваа за употреба на сила и тирански методи а во екот на протестите се јавија и синдикатите на полицијата и армијата. Полицискиот синдикат ги повика безбедносните сили да одбијат евентуални наредби за употреба на физичка сила врз демонстрантите а од воениот порачаа дека улогата на армијата е да го штити уставниот поредок а не поединците на власт.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ