Со истата ладнокрвност со која уби 49 лица Брентон Тарант се појави во судницата

Една минута траеше појавувањето во судницата на австралиецот Брентон Тарант, кој вчера застрела 49 лица во Крајсчрч а рани уште 48 други од кои 11 се во критична состојба. Нападот врз двете џамии Тарант го изврши ландокрвно а таков беше и при појавувањето во судницата, не кажа ни збор ниту пак покажа трошка емоција, пренесуваат новозеландските медиуми присутни на краткото сослушување. На објавеното видео од судницата неговото лице беше заматено по наредба на новозеландскиот суд.

Вие сте Брентон Харисон Тарант. Г-дине Тарант останувате во притвор без право на жалба. Следното појавување пред Високиот суд на Крајсчрч ќе биде на 5 април 2019, рече судијата.

Тарант изминативе 7 години патувал низ повеќе земји во светот, но неговите неколку посети на Европа, погодена од мигрантскиот бран биле тие кои го погодиле најмногу. Паѓа во очи неговата балканска турнеја, извршена кратко по завршувањето на мигрантскиот бран и затварањето на Балканската рута. На Балканот Тарант ги посетил сите земји освен Македонија, Албанија и Грција а повеќе пати престојувал и во Турција.

Брентон Тарант го посетил Балканскиот полуостров и балканскиот регион во текот на 2016 година. Во периодот 28 до 30 декември 2016 година било регистрирано негово патување до Република Србија, патувал преку Црна Гора, поминал и низ БИХ и Хрватска, рече бугарскиот главен обвинител Сотир Цацаров.

Во манифестот на 74 страници, Тарант ги објаснува неговите мотиви и тврди дека нападот го извршил како одмазда за терористичките напади во Европа извршени од муслимани кои на стариот континент дошле под маската на мигранти.

Мислам дека причината поради која ние бевме на мета, колку што разбирам, е намерна одлука да се таргетира нашиот град и нашата земја затоа што ова е безбеден град и безбедна земја. И тоа беше пораката, рече градоначалничката на Крајсчрч Лијан Далзил.

За земја во која до вчера вакви настани беа илјадници километри оддалечени, Нов Зеланд има неверојатно либерални закони за поседување оружје. Тарант иако не бил постојан жител на земјата, релативно лесно успеал да извади дозвола за поседување огнено оружје и легално да купи 5 автоматски оружја. Но премиерката тврди дека им дојде крајот на либералните закони за поседување огнено оружје.

Иако работата продолжува за да се утврдат настаните кои довеле до издавањето на дозволата за оружје и поседувањето на овие оружја, веднаш ќе ви кажам една работа, нашите закони за оружје ќе се сменат. Имаше обиди во 2005, 2012 и по спроведена истрага во 2017. Сега е времето за промени, изјави премиерката Јасинда Ардерн.

Ниту во Австралија а уште помалку во Нов Зеланд Тарант не го предизвикал интересот на безбедносните служби иако самиот тој тврди дека нападот го планирал со месеци. Покрај него, по нападот се уапсени и две други лица, но за сега Тарант е единствениот осомничен дека го извршил нападот. Новозеландската влада и безбедносните служби особено, кои беа фатени целосно неподготвени во овој случај, најавија темелна проверка на екстремно десничарските групи и поединци.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ